Општина Струга нема намера да постапи ниту да го отстапи предметот за спорната изградба на џамијата во селото Горна Белица, кој поради пропусти во постапката Државниот градежен инспекторат и го одзема на локалната градежна инспекција.

-Тврдам дека џамијата во Горна Белица нема да се урива, затоа што таа е изградена во согласност со законите, изјави Мерко на свеченоста по повод пуштањето во употреба на новиот локален пат кој го поврзува с. Мислешево со регионалниот пат М4, на која присуствуваше и министерот за транспорт Миле Јанакиески.

Министерот Јанакиески директно не одговори дали одземањето на ингеренциите на општинската градежна инпскција е поради непостапување во случајот со изградбата на џамијата во Горна Белица, но индиректно посочи дека онаму каде што локалните власти потфрлиле во спроведувањето на законот, ќе настапи државата.

-Согласно надлежностите Државниот градежен инспекторат ќе постапи во случајот и времето ќе покаже кои мерки ќе бидат преземени, рече Јанакиески.


Тој истакна дека согласно измените во Законот, Државниот градежен инпсекторат врши мониторинг на работата на општинските инспекции, не само во Струга, туку и во многу други градови и дека доколку бидат утврдени некакви неправилности, државата ќе одземе надлежностите таму каде што за тоа има основ.

-Затоа апелирам градоначалниците да постапуваат согласно законот, за да не се доведуваме во таква ситуација, додаде Јанакиески.

OhridNews