Според градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески не е запознаен со реалната состојба на струшкото крајбрежје и го кани заедно да извршат обиколка на оваа страна од езерото. Мерко тврди дека на струшкото крајбрежје не се градат незаконски објекти и не се узурпираат плажи. Според него, за да се развива туризам неопходно е уредување на крајбрежјето, затоа е против уривање на струшката ривиера.
„Ми забележуваат дека не се отстранети платформите во Радожда, ако ги отстраниме тие 5-6 платформи, ќе се исели селото, дај да им помогнеме на тие луѓе кои живеат од рибарство, не да им ги уриваме објектите, вели Мерко.
Тој обвинува за хајка против Струга и посочува дека елитната викенд населба „Елен камен“ исто така била изградена на струшкото крајбрежје пред повеќе децении.
„Можело некогаш тие функционери да дојдат од Скопје и други места и да живеат тука и да имаат викендици. Во Охрид хотели се градат во вода, а во Струга ништо не градиме и се прави негативна пропаганда, изјави Мерко.
Ваквите реакции на струшкиот градоначалник следат откако министерот Горан Сугарески најави дека по преземање на ингеренциите над плажите од страна на државата, ќе се отстранат сите нелегални градби од крајбрежјето.
OhridNews