Прашањето за името мора да се реши, инаку не верувам дека ќе биде можно отворање на преговорите со Европската унија и членството во НАТО, порача германскиот канцелар Ангела Меркел по денешната средба со премиерот Никола Груевски во Берлин.

Како што пренесува „Макфакс“, покрај билатералната соработка во фокусот на разговорите беа и македонските евро-атлантски аспирации

„Германско -македонските билатерални односи се многу добри, токму како и економската соработка каде што има и голем простор за таа натамошно да се развива“, рече Меркел, јавува Дојче Веле на македонски јазик.

Тема на разговорот беше и можниот почеток на преговори на Македонија за пристапување кон ЕУ.

„Во фокусот беше и прашањето за членството на Македонија во НАТО и разговаравме за начините, како сакаме да го решиме тоа прашање. Но, прашањето со името мора да се реши, инаку не верувам дека ќе биде можно отворање на преговорите со Унијата и членство во НАТО“, нагласи Ангела Меркел.

Премиерот Груевски рече дека односите меѓу Македонија и Германија се пријателски на севкупно ниво, дека Германија е силен поддржувач на македонските заложби и ги истакна македонските очекување дека одлуката на Судот во Хаг меѓународно ќе се почитува. Тој ја поздрави германската политика за отворени врати во ЕУ и НАТО, јави Дојче Веле.

OhridNews
извор: „Макфакс“