Италијанскиот премиер Матео Ренци, германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд, денес, на островот Вентотене во близина на Наполи разговараат околу тоа како да се одржи единствениот европски проект по гласањето на Британците за излез од Европската унија (ЕУ), пренесуваат светските агенции. Тие ќе се состанат во пресрет на самитот на ЕУ закажан за септември, по повод разговорите за последиците од Brexit. Британска новинска агенција додава дека официјалните лица во Брисел и Берлин стравуваат дека одлуката на Британците би можела да доведе и до референдум во Холандија за натамошното членство во Унијата.

Ренци како локација за состанокот го избра островот Вентотене поради неговото симболично значење како места на кое двајца италијански интелектуалци за време на Втората светска војна го напишаа значајниот манифест со кој повикаа на европско политичко обединување.

Како уште еден симболичен гест, тројцата лидери завршната прес конференција ќе ја одржат на италијанскиот носач на авиони „Гарибалди“, кој е дел од мисијата на ЕУ на Средоземното море. Лидерите на Италија, Германија и Франција ќе го имаат вториот трилатерален состанок откако Британија кон крајот на јуни гласаше за напуштање на ЕУ. Соочена со егзистенцијални ризици, Меркел сака да зацврсти „подобра Европа“, Ренци сака Италија да има силен глас во обликувањето на иднината на ЕУ после Brexit, додека, пак, Оланд сака инвестицискиот план на ЕУ да биде двоструко зголемен, вели француски извор.

Тројцата лидери исто така се разидуваат во ставовите околу тоа како да се намали невработеноста и да се зголеми економскиот раст, кој во вториот квартал од годината е намален во 28-члениот блок, а стагнираше и во Франција и во Италија, заклучува Reuters.

OhridNews
извор Макфакс