Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд ќе се состанат денеска (понеделник) во Берлин за да ги договорат мерките со кои Европа ќе одговори на мигрантската криза, која се смета за најголема од таков вид на стариот континент.

Официјален Париз ја нагласува потребата од дополнителен поттик за имплементација на мерките за справување со бранот мигранти кои Европската унија ги усвои оваа пролет, но и дека се потребни нови мерки. Светските агенции повикувајќи се на дипломатски извори пренесеуваат дека Франција не е задоволна од начинот на кој Европа се справува со бегалската криза и дека договорените мерки не се доволни.

Тема на разговор на билатералната средба се очекува да биде и политиката на азил и евиденција на барателите на азил. Германија очекува да добие 800.000 барања за азил.

Најголемиот број мигранти пристигнуваат во Италија по морски пат, како и во Грција, од каде преку Македонија и Србија се обидуваат да стигнат до западноевропските држави. Бегалската криза на македонско-грчката граница деновиве ескалираше откако бројот на мигранти кои сакаат да влезат во земјава од околу 500 се искачи на 3000 дневно, поради што Министерството за надворешни работи упати апел за помош до ЕУ. МНР смета дека ниту Македонија, ниту било која друга држава сама не ќе може да се справи со бегалската криза и дека е потребна заедничка европска стратегија за справување со напливот на мигранти кои бегаат од зоните на воени дејствија на блискиот исток.

Она што е симптоматично во целиот случај е што тие не бараат помош во богатите арапски држави како Кувајт, Саудиска Арабија и другите земји од опкружувањето, кои за да се заштитат од бегалскиот бран изградија стотици километри заштитни ѕидови на своите граници. Изградба на вакви ѕидови најавија и повеќе европски држави, а дел од нив во справувањето со кризата ја вклучија и армијата.

Г.М.
фото:„Индекс“