Германската канцеларка Ангела Меркел ги повика САД да прифатат повеќе баратели на азил, додека Европа со големи тешкотии се справува со најголемиот наплив на имигранти по Втората светска војна, пренесува „Макфакс“.
„Не е воопшто реално да се претпостави дека Европа самата ќе успее да се справи со ова, без помошта на САД“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел во понеделникот вечерта пред парламентарните претставници од нејзината Христијанско демократска унија (CDU) и сестринската партија од Баварија Христијанско-социјалната унија (CSU).
„САД би можеле да примат повеќе бегалци од Сирија, како и да помогнат да се подобрат условите за живеење на сириските бегалци во бегалските кампови во Либан, Јордан и во Турција“, рече Меркел.
Германската канцеларка минатата среда на состанокот на челниците на Европската унија изјави дека не очекува брзо решение на бегалската криза, „Нема решение преку ноќ. Потребно ни е трпение и сила“, изјави Меркел.
Белата куќа објави дека ќе прими најмалку 10.000 сириски беглаци во следната фискална година, којашто започнува во октомври. Тоа ќе биде дел од 85.000 бегалци од сите делови на светот колку САД ќе ги прифатат во фискалната 2016 година.
Меѓутоа, ваквата најава на Белата куќа наиде во понеделникот на жесток отпор во Конгресот, каде што републиканските претставници побараа право да го ревидираат и отфрлат планот, наведувајќи го како причина стравувањето од инфилтрирање на терористи меѓу бегалците на американска територија.
„Нашите училишта, пазарот на трудот и јавните ресурси веќе се преоптоварени. А покрај тоа, немаме доволно капацитети за откривање на екстремистите“, меѓу бегалците, изјави републиканскиот сенатор Џеф Сесионс, претседател на комитетот за имигранти.
Пет републикански и еден демократски сенатор минатата седмица со писмо му се обратија на американскиот државен секретар Џон Кери и на министерот за национална безбедност барајќи да се воведат поостри мерки за проверки на имигрантите.
Строгоста на досегашните мерки придонесе за тоа само 1.500 Сиријци да добијат дозвола за влегување на територијата на САД од март 2011 година, кога започна граѓанската војна во Сирија.
OhridNews
извор:„Макфакс“