Владата го усвои Протоколот за постапување на основните училишта за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година и Протоколот за постапување на средните училишта за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2020/2021 година. Протоколите предвидуваат низа правила под кои ќе се организира и одвива образовниот процес, од времето во кое таа ќе се одвива, начинот на кој учениците ќе влегуваат и излегуваат, однесувањето на родителите, поголеми одговорности на наставниот кадар и вработените во училиштата, како и серија мерки за заштита од Ковид 19…

Родителот/старателот е должен, секој ден пред поаѓање на училиште, да му мери телесна температура на детето, а во случај на покачена телесна температура (над 37°) не смее да го донесат детето во училиште, туку да се јават на телефон на наставникот/одделенскиот раководител на паралелката. Децата со знаци на други заразни болести исто така не смеат да доаѓаат на училиште. Наставата во училница се изведува со најмногу до 20 ученици во училница и обезбедено физичко растојание од 1,5 метри помеѓу учениците и наставникот и учениците. Се забрануваат поздравувања со физички контакт за вработените во училиштето и меѓу учениците. За време на наставата и одморите, со учениците задолжително е присутен класниот раководител/наставник и се грижи за почитување на физичка дистанца меѓу учениците. – предвидува меѓу другото Протоколот за безбедно одвивање на образовниот процес.

Во продолжение во целост ви ги претставуваме протоколите за основните и средни училишта, според кои ќе се одвива образовниот процес во основните и средниу учиулишта во земјата:

ПРОТОКОЛ ЗА ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА ВО УЧЕБНАТА 2020/2021 ГОДИНА

  • Наставниот процес во училиштето се одвива во период од 07:00 часот до 20:00 часот.
  • Училиштето за влез и излез на учениците ги става во функција сите влезови на училишната зграда и изготвува распоред за влез/излез со различно време на влегување и излегување на учениците за секое одделение и го истакнува на видни места во училиштето.
  • На влезот од училиштето, во ходниците и училниците се поставуваат едукативно-информативни материјали, насоки за заштита на здравјето и безбедност во училиштето и средства за дезинфекција на раце.
  • Родителите/старателите ги испраќаат учениците до назначениот влез на училиштето и се забранува нивно влегување во училиштето, освен за родителите/старателите/образовните аистенти на учениците со посебни образовни потреби со задолжително носење на маска/прекривка на лицето.
  • На секој влез од училиштето учениците ги пречекува дежурен наставник, кој се грижи ученикот да ги дезинфекцира обувките и рацете, односно му помага на ученикот да ги дезинфекцира рацете со дезинфекционо средство.
  • Вработените во училиштето и учениците за при влегување во училиште и време на престојот во училиште задолжително ја почитуваат мерката за физичка дистанца од најмалку 1,5 метар и носат заштитна маска/покривка на лице, освен кога се на отворено во училишниот двор со одржување на препорачаната дистанца.
  • Вработените при влезот во училиште задолжително ги дезинфекцираат обувките и рацете.
  • На сите вработени им се мери телесна температура пред влезот на училиштето и во случај на зголемена температура (над 37°) вработениот се упатува кај матичен лекар.
  • Родителот/старателот е должен, секој ден пред поаѓање на училиште, да му мери телесна температура на детето, а во случај на покачена телесна температура (над 37°) не смее да го донесат детето во училиште, туку да се јават на телефон на наставникот/одделенскиот раководител на паралелката. Децата со знаци на други заразни болести исто така не смеат да доаѓаат на училиште.
  • Наставата во училница се изведува со најмногу до 20 ученици во училница и обезбедено физичко растојание од 1,5 метри помеѓу учениците и наставникот и учениците.
  • Првиот ден од наставата започнува со упатства за учениците за тоа како правилно и безбедно да се однесуваат, да одржуваат физичко растојание, хигиена на рацете и заштита на сопственото здравје, но и здравјето на останатите ученици и вработените во училиштето.
  • Се забрануваат поздравувања со физички контакт за вработените во училиштето и меѓу учениците.
  • За време на наставата и одморите, со учениците задолжително е присутен класниот раководител/наставник и се грижи за почитување на физичка дистанца меѓу учениците.
  • Меѓусебното споделување информации и работните состаноци во училиштето треба да се изведуваат со употреба на видеоконференциска врска.
  • Површините и предметите кои почесто се изложени на допир од страна на вработените во училиштето и учениците, се дезинфицираат на почетокот и на крајот на секоја смена, а најмалку два пати на ден. Училиштето изготвува листа на сите површини кои треба редовно да бидат чистени.
  • Чистењето на училниците се врши пред почетокот на наставата, за време на одморот кога учениците се во училишниот двор и по завршување на сите училишни активности, со вода и сапун/детергент и со дезинфекциско средство кое делува на вируси според упатство на производителот.
  • Употребата на тоалетите се организира на начин што ќе овозможи присуство на помал број ученици и запазена дистанца (на пример, ако тоалетот е помал, ученикот треба да чека надвор од тоалетот додека излезе ученикот кој е внатре).
  • Тоалетите треба да бидат функционални заради овозможување услови за почесто миење на рацете со проточна вода и сапун и почесто се чистат со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини.
  • Холовите, скалите и останатите заеднички простории се чистат почесто, додека учениците се на настава и по завршувањето на сите училишни активности.
  • Чистењето на фискултурната сала, спортските игралишта и соблекувални и другите помошни простории, се врши веднаш по користењето од страна на секоја група ученици.
  • Училиштата воведуваат систем за еднонасочно движење на учениците низ просториите и ограничување на бројот на лица кои истовремено се присутни во соблекувалните и контролирано излегување и влегување во соблекувалните.
  • Просториите задолжително се проветруваат после секој наставен час, најмалку половина час пред пристигнување и по заминувањето на учениците.
  • За време на наставата во училницата, доколку дозволуваат временските услови, се остава отворен прозорец. Во училницата (доколку ги има) се избегнува употребата на уреди за климатизација и вентилација.
  • Директорот на основното училиште треба да определи лица од вработените кои на одредени места ќе бидат во улога на контролори и вооедно ќе можат да помогнат на оние ученици кои имаат прашања и им е потребна поддршка да ги разберат мерките за нивна заштита.
  • Учениците доаѓаат и одат сами на училиште, во придружба на родител/старател/образовен/личен асистент, со организиран или јавен превоз. Превозниците кои вршат превоз на ученици ги почитуваат и применуваат протоколите за превоз на патници.
  • Пренесувањето на информациите и состаноците со родителите/старателите се одвива преку телефон или преку некоја онлајн апликација која што ќе ја договорат родителите и наставниците.
  • Учениците носат оброк/храна од дома или доколку е можно за организација, оброкот што го обезбедува училиштето треба да биде соодветно спакуван или готов производ, притоа водејки сметка за стандардите и нормативите за исхрана за оваа категорија на деца.
  • Учениците оброкот го консумираат во училницата во која реализираат настава и само тогаш им е дозволено да ја отстранат маската/прекривката од лице во училница.
  • Учениците ги мијат рацете пред и по јадење, пред и по употреба на тоалет, пред и по доаѓање од надвор и кога рацете изгледаат валкани.
  • Користењето на спортската сала, библиотеката и други простории треба да биде од група ученици од иста паралелка, така што да нема можност за мешање на повеќе ученици од различни паралелки (пр. За време на еден наставен час, една паралелка е во фискултурната сала, а две паралелки се надвор во училишниот двор или на спортските терени).
  • Преминувањето низ заедничките простории треба да се организира така што додека учениците и наставниците од една паралелка поминуваат во исто време, учениците и наставниците од другите паралелки го чекаат својот ред, притоа укажувајќи им на учениците да не допираат површини или предмети во просторот каде се движат.
  • Треба да се избегнува влегување на други лица (на пример, за чистење, поправка или внесување храна) во училниците сè додека учениците се наоѓаат во нив, како и влегување во училишната зграда на лица кои не се вработени во училиштето или деца кои не се ученици на тоа училиште.
  • Испораките за потребите на училиштата ја преземаат надлежните, вработени во училиштата од споредниот влез на училиштето (доколку има таков влез училиштето), а главниот влез е дозволен само на сервисерите и другите служби чии услуги се неопходни (пр. спроведување на превентивни и анти-епидемични мерки како што се проверка на вода за  потрошувачка, безбедност на храна и др.) со задолжително почитување на мерката за дезинфекција на рацете и доколку е потребно носење заштитна маска/прекривка и заштитници за обувките.
  • Доколку во училиштето се појави заболен од КОВИД-19 или лице кое имало контакт со лице заболено од КОВИД-19, лицето треба да се изолира во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска/прекривка, а директорот треба да воспостави комуникација со Центарот за јавно здравје за добивање на понатамошни насоки за постапување. За преземените активности училиштето доставува извештај до општината, а општината до Министерството за образование и наука.
  • Ако ученик развие симптоми на КОВИД-19 додека е во училиште, наставникот/стручниот соработник го изолира ученикот во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска/прекривка и  веднаш ги известува родителите/старателите, кои во најкраток временски период треба да го земат детето со цел консултација и натамошни активности со матичниот лекар на ученикот.
  • Доколку се потврди дека ученик е заболен од КОВИД –  19, се известува епидемиолошката служба во Центарот за јавно здравје кој итно треба да направи анкета со наставниците и учениците за проценка на степенот на ризик врз основа на контактите кои ги имале.

ПРОТОКОЛ ЗА СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА ВО  УЧЕБНАТА 2020/2021 ГОДИНА 

  • Наставниот процес во училиштето се реализира во период од 07:00 часот до 20:00 часот.
  • Секој вработен пред да тргне на работа задолжително ја мери телесната температура, а во случај на зголемена телесна температура (37° и повисоко) вработениот не доаѓа на работа, туку по телефонски пат го известува директорот на училиштето.
  • Ученикот е должен секој ден пред поаѓање на училиште да ја мери телесната температура, а во случај на зголемена телесна температура (37° и повисоко) не доаѓа во училиште, туку по телефонски пат го известува раководителот на паралелката.
  • Влегување во училиштето е дозволено само со задолжително користење на заштитни маски/покривка на лицето за сите вработени и ученици во училиштето.
  • Сите вработени и ученици задолжително ја почитуваат на мерката за физичка дистанца од најмалку од 1,5 метар.
  • Училиштето за влез и излез на учениците ги става во функција сите влезови на училишната зграда и изготвува распоред за влез/излез (список со назнака на влез и време на влегување) за секоја паралелка и го истакнува на видни места во училиштето.
  • На влезот во училиштето, во ходниците и во училниците се поставуваат едукативно-информативни материјали и насоки за заштита на здравјето и безбедност во училиштето.
  • На влезот во училиштето се поставуваат средства за дезинфекција, како и во училниците и другите простории.
  • Вработените при влезот задолжително ги дезинфицираат обувките и рацете.
  • На секој влез од училиштето учениците ги пречекува дежурен наставник, кој се грижи секој ученик да ги дезинфицира обувките и рацете, односно му помага на ученикот да ги дезинфицира рацете со дезинфекциско средство.
  • Се забрануваат сите видови физички контакти за поздравувања меѓу вработените во училиштето и меѓу учениците.
  • Меѓусебното споделување информации и работните состаноци во училиштето треба да се изведуваат со употреба на видеоконференциска врска.
  • Учениците доаѓаат и си заминуваат од училиште сами, во придружба на родител/старател/образовен или личен асистент (за учениците со посебни образовни потреби), со организиран и со јавен превоз.
  • Учениците и вработените во училиштето го почитуваат протоколот за превоз на патници во јавниот сообраќај (линк до протоколот).
  • Забранет е влез за родители/старатели освен на ученици со посебни образовни потреби со задолжително почитување на мерката за физичка дистанца и носење на маска/прекривка за лице.
  • Пренесувањето на информациите и состаноците со родителите/старателите се одвива преку телефон или преку некоја онлајн апликација, којашто ќе ја договорат родителите и наставниците.
  • Наставата во училница се изведува со најмногу до 20 ученици во училница и обезбедено физичко растојание од 1,5 метри помеѓу учениците и наставникот и учениците.
  • За реализација на практичната обука и учењето преку работа, училиштето изготвува распоред за користење на училишните капацитети кој го истакнува на видно место во училиштето. Користењето на училишните капацитети е со задолжително почитување на сите протоколи за безбедност на учениците.
  • Учениците и одговорните наставници задолжително ги почитуваат протоколите на компанииите (во погоните, хигиенско-санитарните објекти, одделот за исхрана и сите други делови каде што може да се движат учениците во компанијата).
  • Договорите за практична обука и учење преку работа кај работодавачите се дополнуваат со одредени одредби, кои ја регулираат реализацијата на обуката во услови на пандемија од Ковид-19.
  • Користењето на спортската сала, библиотеката и други простории препорачливо е да биде од група ученици од иста паралелка, така што да нема можност за мешање на ученици од различни паралелки за што училиштето однапред подготвува распоред (пр. За време на 1 наставен час, една паралелка е во фискултурната сала, а две паралелки се надвор во училишниот двор или на спортските терени).
  • Употребата на тоалетите се организира со присуство на помал број ученици и запазена дистанца (на пример, ако тоалетот е помал, ученикот треба да чека надвор од тоалетот додека излезе ученикот којшто е внатре) и тоа за време на наставните часови за што учениците се благовремено информирани.
  • Чистењето на училниците се врши пред почетокот на наставата, во време кога учениците се во училишниот двор и по завршување на сите училишни активности, со вода и сапун/детергент и со дезинфекциско средство кое делува на вируси според упатство од производителот.
  • Редовно одржување на тоалетите со задолжително водење на евиденција за спроведеното чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини.
  • Холовите, скалите и останатите заеднички простории се чистат за време на наставата и по завршувањето на сите училишни активности.
  • Чистењето на фискултурната сала, спортските игралишта, соблекувалните и другите помошни простории, се врши по користењето од страна на секоја група ученици.
  • Училиштата воведуваат систем за еднонасочно движење на учениците низ просториите и ограничување на бројот на лица кои истовремено се присутни во соблекувалните и контролирано излегување и влегување во соблекувалните.
  • Просториите задолжително се проветруваат после секој наставен час, најмалку половина час пред пристигнувањето и по заминувањето на учениците, а доколку дозволуваат временските услови, пожелно е да се остави отворен прозорец за време на наставниот час.
  • Треба да се избегнува влегување на други лица (на пример, за чистење, поправка или внесување храна) во училниците сè додека учениците се наоѓаат во нив, како и влегување во училишната зграда на лица кои не се вработени во училиштето или деца кои не се ученици на тоа училиште.
  • Испораките за потребите на училиштата ја преземаат надлежните, вработени во училиштата од споредниот влез на училиштето (доколку има таков влез училиштето), со задолжително почитување на мерката за дезинфекција на рацете и доколку е потребно носење заштитна маска/прекривка и заштитници за обувките.
  • Доколку во училиштето се појави заболен од КОВИД-19 или лице кое имало контакт со лице заболено од КОВИД-19, лицето треба да се изолира во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска/прекривка, а директорот треба да воспостави комуникација со Центарот за јавно здравје за добивање на понатамошни насоки за постапување. За преземените активности училиштето доставува извештај до општината, а општината до Министерството за образование и наука.
  • Ако ученик развие симптоми на КОВИД-19 додека е во училиште, наставникот/стручниот соработник го изолира ученикот во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска/прекривка и  веднаш ги известува родителите/старателите, кои во најкраток временски период треба да го земат детето со цел консултација и натамошни активности со матичниот лекар на ученикот.
  • Доколку се потврди дека ученик е заболен од КОВИД –  19, се следат протоколите од Министерството за здравство за тој ученик, а училиштето врши консултации со Центарот за јавно здравје, за натамошно постапување со паралелката на која припаѓа ученикот.
  • Организирање на редарска служба во училиштето, со цел спроведување на редот и одржување на потребното растојание меѓу учениците од минимум 1.5 метри пред и внатре во училиштето и тоа 2 редари пред влезот на училиштето и 2 редари во училиштето. Редарите да се ангажираат од редот на вработените во училиштето, за што одлучува директорот на средното училиште.

OhridNews