Повеќе од 20 години ги истражува археолошките локалитети во земјава, а нема ниту еден ден работен стаж. На студ, под жешкото сонце, на локалитети под вода, археологот Валентина Тодороска е редовен член во археолошките тимови во Македонија и во регионот. Соработувала скоро со сите музеи во земјава, а последниот долгорочен ангажман на договор на дело ѝ бил во „Д-р Никола Незлобински“ во родната Струга. Кон крајот на 2019 година музејот објавил оглас за вработувања. По четирите години работа како хонорарец, Тодороска се пријавила надевајќи се дека конечно ќе ѝ се реши статусот.

Иако било наведено дека конкретната позиција е за археолог по националност Албанец/ка, таа се пријавила очекувајќи да се почитува процедурата – ако на два последователни огласа не се пријави експерт од соодветената националност, на третиот оглас се земаат предвид сите пријавени кандидати.

Но, кандидат бил избран уште во првиот круг – била вработена кандидатка за која комисијата образложила дека е посоодветна, иако била Македонка, а на огласот се произнела како Албанка. В.д. директорот на музејот вели дека процедурата не била повредена, а националното чувство е право на личен избор, објави Центарот за истражувачко новинарство СКУП Македонија.

Археолошки локалитет во струшко

ЕДИНСТВЕН АРХЕОЛОГ ВО МАКЕДОНИЈА СО СЕРТИФИКАТОТ ESD

Околностите по дипломирањето ѝ го трасирале патот до потесната специјалност – подводната археологија. Натаму ги насочила и постипломските студии. Надградувајќи се, во последната декада посетувала повеќе меѓународни обуки за подводна археологија, а во 2017 се здобила со сертификатот ESD (European Scientific Diver) со што станала единствениот археолог во земјава со ваква диплома.

Соработката со музејот „Д-р Никола Незлобински“ официјално ја почнала во 2001 и 2003 година на подводните истражувања на локалитетот Врбник. Од септември 2015 до крајот на 2019 година во овој музеј работела со договор на дело како кустос археолог, едукатор, документатор и во делот на уметност и логистика при организација на изложби. За тоа има и потврда издадена од музејот. Тодороска објаснува дека во август 2019 година, Музејот добил средства за да објави конкурс за вработување на археолог, биолог, едукатор, правник и сметководител. Огласот бил распишан на 19 декември, четири месеци подоцна.

Уредно ја поднесов комплетната документација. Немав големи надежи, бидејќи беше нагласено дека конкурсот се однесува за кандидат од албанска националност. Се водев од убедувањето дека компетенциите и долгогодишното искуство треба да бидат пред етничката припадност. Ми беше сугерирано да се изјаснам дека се чувствувам како Албанка за да си ги зголемам шансите, но мојот етички компас ми кажа поинаку – објаснува Тодороска.

При разгледување на поднесената документација, комисијата ѝ побарала дополнителен извештај од Фондот за пензиско осигурување-ПИОМ за остварен стаж – документ кој Тодороска не можела да го приложи, зашто и покрај сиот изминат труд, нема ниту еден работен ден стаж.

Првично не бев ни повикана на интервју. Откако побарав објаснување, ми беше речено дека дошло до недоразбирање, ќе ме повикаат дополнително. Интервјуто се одржа на 24 јануари, а на 29 јануари на интернет страницата на музејот беа објавени резултатите дека е избрана друга кандидатка – раскажува Тодороска.

По консултација со правници и поддршка од повеќе колеги, одлучила да поднесе тужба. Судскиот процес е во тек. Тодороска вели дека на оваа одлука најмногу ѝ влијаело образложението од комисијата дека другиот кандидат е покомпетентен според приложената документација и резултатите од интервјуто.

В.Д. ДИРЕКТОРОТ ВЕЛИ „СЀ Е ЧИСТО“

Јован Василески е в.д. директор на музејот „Д-р Никола Незлобински“. Тој тврди дека на конкурсот за вработувања немало никаква повреда на процедурата.

Беа вработени стручњаци. Во документацијата точно си стоеше според националната припадост, како што по Законот бараше балансерот. Како што си беа поднесени пријавите, така комисијата ги разгледуваше – вели Василески.

Балансерот е дигитална алатка на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) со која се пресметува колкава треба да биде квотата за правична застапеност во одредена институција.

Во комисијата членувале тројца надворешни соработници – раководители на институции. Василески објаснува дека биле ангажирани директорите на „Струшки вечери на поезијата“, на Библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид и на Центарот на културата „Браќа Миладиноци“ во Струга.

Изборот беше регуларен. Кој како се изјаснил според националност, тоа си е личен став. Но, најважна е стручноста. Првиот кандидат беше демонстратор на Природноматематичкиот факултет (ПМФ), вториот со теренско искуство на локалитетите. Не велам дека другите кандидати не биле стручни. Се водат судски процеси, а како ќе завршат, зависи од судот, кој го има последниот збор. Не би коментирал друго пред да има судска завршница – вели Василески.

Иако музејските институции во земјава се целосно под ингеренции на Министерството за култура или на општините (доколку се локални), огласите за вработување се спроведуваат преку МИОА. Токму таму упатуваат од Министерството за култура, со образложение дека овие прашања се уредени со Законот за вработени во јавен сектор и со Законот за административни службеници. Тие го цитираат членот 77-ѕ од Законот за култура, според кој формата и содржината на јавниот оглас и на пријавата за вработување, начинот на спроведување на аудицијата и начинот на бодување се утврдуваат со општ акт на јавната установа што го донесува Управниот одбор, на предлог од директорот.

Против одлуката на директорот, незадоволниот кандидат има право на жалба до Управниот одбор. Министерството за култура нема надлежност во постапките на работењето на установата, ниту пак во начинот и постапките за подготвување акти од областа на работните односи – велат од Министерството за култура.

За овој случај во моментов се води судски процес, исто како за уште едно вработување од истиот конкурс. На работната позиција биолог, наменета за кандидат Турчин/ка, бил вработен кандидат со македонско име и презиме. Во декември 2019 година медиумите известуваа за слична ситуација во Противпожарната бригада на Град Скопје. За полесно да се вработат, Македонци се изјасниле како Албанци.

Прочитај повеќе на следниот линк

OhridNews
Извор: Центар за истражувачко новинарство СКУП Македонија