Мендух Тачи со акламација е избран за претседател на ДПА на 4-от конгрес на партијата што се одржува во Струга.

Веднаш по поздравните обраќања на гостите на конгресот доскорешниот лидер на ДПА Арбен Џафери предложи измена на дневниот ред и поместување на точката за избор на претседател понапред, што беше и прифатено. Делегатите потоа едногласно го избраа Mендух Тачи  за наследник на Џафери.

Конгресот попладнево ќе продолжи со избор на членови на Генералното собрание на ДПА и други партиски тела,  а на дневен ред е и измена на партискиот статут.

На дводневниот конгрес што се одржува во Центарот за култура во Струга  учествуваат околу 600 делегати и голем број гости од поголемите политички партии од земјава и соседството. ВМРО ДПMНЕ ја претставуваше лидерот и премиер, Никола Груевски, ДУИ-потпретседателот Рафиз Алити и градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, СДСМ-Владо Бучковски, ПДП Абдулади Вејсели, НСДП-Живко Јанкуловски, ВМРО НП-Георги Трендафилов и други.

На свечениот дел од конгресот присуствуваа и косовскиот премиер Агим Чеку,  министерот за финансии во владата на Албанија и генерален секретар на Демократската партија Ридван Боде, лидерот на албанските социјалисти Еди Рама, како и претставници на ИВЗ, Бектешите и на дипломатскиот кор.

Г.М.