Во преполната Метрополис арена во Скопје, синоќа, култниот музички бенд „Меморија“ одржа незаборавен концерт по пауза од четврт век.

Публиката која беше составена од повеќе генерации, повторно уживаше во најголемите хитови на „Меморија“ како „Оган под ѕвездите“, „Возови“, „Град“, „Зошто Боже“, „Македонија“, „Нена“, „Нашите слики“, „Дирлада“ и други.

Перо Камиказа, Апостол – Поце Икономов, Валентино Скендеровски и останатите од оригиналната постава на групата како да чекале 25 години за повторно со огромна енергија да ги изведат песните на бендот кој одбележа еден период од македонската музичка историја. Дел од песните ги изведе Ристо Самарџиев, кој беше вокал на „Меморија“ на петтиот студиски албум.

Вистински музички времеплов приредија и гостите на концертот Пере – Нокаут, групата Зијан, Мики Јовановски Џафер и дел од оригиналната постава на групата „Лева Патика“.

Тричасовното музичко уживање ги потсети повозрасните генерации на едно поубаво и посреќно време, а за помладите кои тогаш не биле родени им долови дел од магијата на македонската музичка сцена во осумдесетите и деведесетите години од минатиот век.

Концертот на „Меморија“ ја испрати во историја „Метрополис“ арената, а музичарите и публиката си посакаа повторна средба на некое друго место.

OhridNews