Во организација на Градскиот ракометен клуб Охрид, а под покровителство на Општина Охрид на 27-ми и 28-ми август ќе се одржи првото издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски- Усташ“ кој ќе прерасне во традиција, информираат од ГРК Охрид.
На турнирот кој ќе се одржи во спортската сала „Билјанини Извори“ ќе земат учество екипите на ГРК „Охрид“, РК „Тинекс Пролет“, ГРК „Тиквеш 2014“ и РК „Партизан“ од Белград, Србија. Турнирот ќе биде во формат на натпреварување: 27-ми (сабота) два полуфинални натпревари (ќе се одредат со ждрепка) и 28-ми (недела) натпревар за 3то место и финале, додаваат од клубот.
Средствата за организација на овој турнир се предвидени во Програмата за спорт и рекреација за 2022 година при Општина Охрид, а помагател на турнирот е Кожувчанка.
Инаку, меморијалниот турнир е наречен во чест на Крсте Андоновски – Усташ (1936-2003), кој има оставено белег на охридскиот, македонскиот и југословенскиот ракомет. Бил долгогодишен селектор на Македонската машка сениорска и младинска репрезентација, член на стручен совет на СФРЈ во кој совет членуваа по еден тренер од секоја република и покраина, како и тренер на ЕМО Охрид, ОТЕКС Охрид, Пелистер, Тутунски Комбинат, Прилеп и Партизан Кичево.
OhridNews