Љубителите на музиката вечерва ќе имаат ексклузивна можност да уживаат во „Мелодијата на Шенжен“ во изведба на симфонискиот оркестар на Шенжен од Кина, кој ќе одржи концерт во предворјето на црквата „Света Софија“ во Охрид. 

Со овој концерт завршува овогодинешната музичка програма на фестивалот Охридско лето, која годинава понуди еминeнтни музички имиња и голем број незаборавни концерти.

Во рамки на Кинеската вечер оркестарот на Шенжен ќе изведе дела од Ванг Ксилин, Ванг Нинг, Чајковски, Зографски и од други композитори, а со него ќе раководи диригентот Лин Даје од Кина.

Оркестарот на Шенжен е формиран во 1982 година. По успешното деби во 1985 година, оркестарот се изгради во реномиран уметнички колектив кој има на репертоар повеќе од 80 симфонии и повеќе од 100 прочуени оркестарски дела на кинеските и странските композитори.

Од 1987 година, оркестарот почнува активно да настапува на концертните и фестивалските подиуми во Кина и во другите азиски и европски земји со над 100 концерти годишно, учествува и на бројни фестивали како Кинескиот интернационален хорски фестивал, Модерниот музички фестивал во Пекинг, Музички денови во Истанбул, Турција, Италијанскиот фестивал „Милт Фистер“, Францускиот фестивал во Динар и на првиот Светски будистички форум, а редовно е и ангажиран да ги проследува меѓународните натпревари на пијанисти, диригенти и композитори.

Оркестарот стана прв колектив од Азија поканет да настапува во катедралата Св. Луи и во палатата „Инвалиди“ во Париз, а во 2013 год. настапи во седиштето на УНЕСКО во Париз.

OhridNews