Откако освои три златни медали на Зимските параолимписки игри, што вчера официјално беа затворени во Пекинг, канадскиот нордиец Брајан МекКивер (42) се запиша во историјата како еден од рекордерите според бројот на освоени одличја.

МекКивер на Игрите во Пекинг за спортисти со инвалидитет триумфираше во скијачко трчање за лица со оштетен вид на 12.5 и на 20 километри, како и во спринт, со што дојде до бројката од дури 16 златни медали.

Канаѓанецот со тоа го израмни рекордот на германскиот параскијач Герд Шолфендер, кој со 16 златни медали досега беше најуспешен спортист во историјата на Зимските параолимписки игри.

Вкупниот рекорд и натаму го држи норвешката нордијка Рагнхилд Муклебуст со 27 медали, од кои 22 златни.

Да бидам целосно искрен, тоа нема никакво посебно значење. ОК, ако го израмнив рекордот, но тоа никогаш не беше извор на мојата мотивација. Рекордите никогаш не беа во мојот фокус, изјави 42-годишниот МекКивер.

Најуспешен натпреварувач на Зимските олимписки игри во Пекинг е норвешкиот параскијач Јеспер Педерсон, кој освои четири златни медали, триумфирајќи во дисциплините слалом, велеслалом, супервелеслалом и суперкомбинација, додека во спуст го освои среброто.

Ги надминав сите свои очекувања. Секако дека тоа е она за што сонував изминатите неколку години, но воопшто не ни помислував дека ќе остварам вакви резултати, изјави Педерсен.

OhridNews