Американскиот ланец ресторани за брза храна „Мекдоналдс“ ги советувал своите работници да јадат помалку чизбургери, пржени компирчиња и останата брза храна, како и газирани пијалоци, и наместо тоа да се одлучат за сендвичи, салати и вода, и така да останат поздрави и повитални. Од компанијата на сајтот за вработените истакнале дека иако е лесно достапна и економична со оглед на брзиот стил на живот, брзата храна содржи многу калории, масти, шеќери и соли и го зголемува ризикот од дебелеење.

На сајтот за вработените „Мек Рисорс“ од една страна е објавена слика од хамбургер, помфрит и газиран сок, а од другата, како здрав избор, слика на сендвич, салата и вода. Портпаролот на Мекдоналдс изјавил дека иако не е невозможно, предизвик е да се храните здраво во ресторан за брза храна. Најдобро би било да се избегнува пржената храна. Најголемиот светски ланец ресторани за брза храна, некогаш познат по „Биг Мек“ хамбургерите, сега нуди и производи како што се овесна каша, печено пилешко и шејкови од вистинско овошје.