Не постои релевантен доказ дека вакцини предизвикуваат аутизам, изјави денеска д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести, по брифингот со новинари, на кој беа презентирани податоци за состојбата, опфатот и придобивките од МРП вакцинацијата во земјата.

На прашањето за докторите кои ги советуваат родителите против вакцинација, Мехмедовиќ одговори дека токму поради ова се и средбите со новинарите, за заедно со медицинските лица, да придонесат кон правилно информирање на јавноста.

Примариус доктор Љиљана Којиќ, специјалист педијатар при Клиника за детски болести, говореше за компликациите што можат да настанат по прележување на морбили. Во изјава за медиумите, таа сподели дека во нејзиното претходно работно искуство, имало случаи на 11 деца со аутистичен спектар што не биле вакцинирани, па нагласи дека кај нив во никој случај не може да има поврзаност со вакцинирање. На родителите што сакаат да ги вакцинираат децата кои се алергични, им советува да се обратат за консултација на Одделот за имунологија, на Клиниката за детски болести.

Доктор Кристина Ставридис, епидемиолог од Институтот за јавно здравје, потсети дека годинава бил регистриран само еден случај на мали сипаници кај 13 месечно невакцинирано бебе од Свети Николе, каде опфатот со вакцина бил над 98 отсто, што придонело да не се појави епидемија.

Таа нагласи дека се работи на зголемување на опфатот со вакцини, со интензивна кампања за откривање на невакцинирани деца и нивно вакцинирање. Се има и поддршка од Светската здравствена организација во активностите за зголемување на опфатот со вакцини, со вклучување и на теренска вакцинација. Податоците за шесте месеци веќе покажувале напредок во однос на опфатот.

Очекуваме оваа година, за разлика од претходната, зголемен опфат со вакцинираност, нагласи таа.

Во услови на намален глобален опфат со МРП вакцина за прва доза, од 83 отсто и втора доза, од 74 проценти, што е далеку под опфат од 95 отсто, неопходен за постигнување на колективен имунитет, се зголемува ризикот од појава и проширување на епидемија од мали сипаници. Ова, меѓу другото, беше кажано на денешниот брифинг за новинари со здравствени работници.

Како што потсетуваат од Одделение за имунизација и вакцино – превентабилни заболувања при Институт за јавно здравје на државава, последната епидемија на мали сипаници беше во 2019 година со вкупно 1.901 заболено лице.

Над 80,5 отсто од заболените лица во епидемијата беа невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Епидемијата заврши како резултат на интензивната вакцинална кампања со МРП вакцинација, со која беа опфатени над 44.000 деца до 14-годишна возраст, како најефикасна противепидемиска мерка. Таа година, опфатот со МРП вакцина надмина 93 проценти и за прва, и за втора доза. Но, веќе следната година со почеток на Ковид-19 пандемијата, вакциналниот опфат се намалува на 63,0 отсто за прва доза и 68.5 проценти за втора доза. Следните две години се бележи скромно зголемување на кое достигна 70.7 отсто за прва доза и 89.2 проценти за втора доза, во 2022 година. Нискиот опфат последните две години доведува до зголемување на бројот на невакцинирано, осетливо население на мали сипаници, информираат од ова Одделение.

Свое обраќање пред новинарите имаше и претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани.

На настанот беше кажано дека МРП вакцината е безбедна и ефикасна, најдобар начин на превенција, комбинирана вакцина што обезбедува истовремена заштита против три сериозни болести, мали сипаници, рубеола и заразни заушки.

Причина за овие болести е вирусна инфекција. Најчесто се јавуваат во детската возраст иако може да заболат и возрасни лица. Беше нагласено дека не постои специфичен третман за овие болести, но, успешно може да се превенираат со навремена и редовна вакцинација.

Беше потсетено дека мали сипаници се високо контагиозно, респираторно заболување предизвикано од вирус што може да доведе до тешки компликации и смрт.

Рубеолата е вирусна респираторна инфекција која вообичаено предизвикува благи симптоми кај децата, како зголемена температура, осип и отечени лимфни жлезди. Кај децата може да помине и без симптоми, но кај бремените жени и нивниот плод може да предизвика сериозни здравствени компликации.

Заразните заушки – паротит, се вирусна респираторна инфекција која се манифестира со зголемена температура, главоболка и оток на плунковите жлезди. Вообичаено болеста поминува со блага клиничка слика, но кај одредени случаи може да предизвика сериозни компликации како воспаление на мозочните обвивки – менингитис, или воспаление на мозокот – енцефалитис. Ретка, но карактеристична компликација е губење на слухот. Секој четврти адолесцент или возрасен маж развива оток и воспаление на тестисите, што ретко може да доведе до неплодност.

OhridNews