На покана на Меѓународното лимнолошко друштво (МЛД), Охрид СОС се претстави со свој прилог во последното издание на Билтенот на МЛД од јуни 2015 година. Во текстот покрај актуализацијата на постоечката еколошка закана врз Охридското Езеро и непроценливата важност на неговата биолошка разновидност, Охрид СОС посочи и на потребата од нова визија во развојот на туризмот. Во тој контекст беше упатен повик до лимнолошката заедница за активна поддршка и учество во заштитата на Охридското Езеро, како и во трансформирањето на охридскиот регион во центар за еколошки и едукативен туризам и научно истражување. Во истиот, 66-ти број на билтенот на МЛД, во своето воведно обраќање, претседателот на МЛД, Ив Прери директно повикува на заштита на Охридското Езеро.
Контактот со МЛД беше остварен неодамна како дел од напорите на Охрид ЅОЅ да го зголеми притисокот од меѓународната јавност врз носителите на одлуки во РМ. МЛД е научна заедница со стогодишна традиција и скоро три илјади членови од 84 земји, која е посветена не само на научното истражување, туку работи и на промовирање на подобро разбирање на водите со цел да поттикне разумно управување со нив и заштита на овие разновидни еко-системи. МЛД го издава списанието Копнени води кое е едно од најважните научни списанија во областа на лимнологијата – наука што се занимава со изучување на копнените води, како што се езерата, реките, мочуриштата, подземните води итн., класифицирани како еколошки системи меѓу водените басени и атмосферата.
За МЛД Охридското Езеро е едно од малубројните древни езера на планетата со непроценлива еволуционистичка важност и поради тоа Друштвото излезе со непосредна поддршка. Огромна поддршка за работата на иницијативата Охрид ЅОЅ беше и повикот на претседателот на МЛД, Прери кој воочува дека е иронично што проблемите за деградација на животната средина се најгласно артикулирани токму од јавноста, наместо од оние кои се одговорни за креирање на политиките за заштита на животната средина и оние кои најмногу знаат за неа – научниците. Новата визија на МЛД е токму ставање на својата експертиза на располагање на пошироката јавност во функција на решавање на конкретни проблеми што би можело да предизвикаат еколошки катастрофи. Тука Прери директно посочува на Охридското Езеро во знак на поддршка за негова заштита.
Уште од самите почетоци, Охрид СОС започна кампања за запознавање на меѓународната научна јавност со заканата од еколошка катастрофа која би се случила како резултат на најавените урбанистички проекти во Студенчишкото Блато, на самиот брег на езерото или во негова непосредна близина. За таа цел, Охрид СОС има изработено и Декларација за зачувување на природното и културното наследство на Охрид во соработка со повеќе крајбрежни месни заедници.
OhridNews