-На веб сајтот на Министерството за образование во делот на акредитирани универзитети во Македонија стои и името на Меѓународниот универзитет во Струга, кој е акредитиран на програмите 3+2. Нашиот универзитет е член и на Ееразмус програмата, а во оваа програма не може да биде член нелегален универзитет.-вели Арменд Кадриу, претседател на Управниот одбор на Меѓународниот универзитет во Струга.
Арменд Кадриу
Тој објасни дека Државниот просветен инспекторат нема донесено никаков записник или извештај во кој се укажува на нерегуларности во работењето на универзитетот.
–Јавно го повикувам Министерот да изнесе било какво решение или записник со кое се укажува на вакви нерегуларности какви што беа презентирани. Ние намаме добиено никакво писмо или известување од просветниот инспекторат дека во рок од 40 дена треба да промениме нешто во работењето.-вели Кадриу.
Тој објасни дека со Законот за образование во член 108 пишува дека -на Државните и Приватните универзитети може да се запишат и студенти без положена државна матура односно студенти кои положиле училишна матура.
-Нашиот универзитет не е единствениот кој запишувал студенти без државна матура. На пример Државниот универзитет во Битола се запишани 222 студенти без државна матура, на Универзитетот Гоце Делчев 600 студенти, на Универзитетот Кирил и Методиј 410 студенти и на Државниот универзитет во Тетово околу 300 студенти без положена државна матура.-рече Кадриу.
Тој го обвини министерот дека фаворизира одреден универзитет во Република Македонија на штета на други универзитети.
– Ова е провоцирано од универзитетот кој е наша конкуренција и која за три години е потполно декласиран во Струга. Со отворањето на дисперзираните студии во Гостивар, повторно се судривме со истата конкуренција. Значи еден приватен универзитет кој е во Струга и во Гостивар ги губи позициите на пазарот, а Министерот за образование како постдипломец на тој универзитет сака да го наруши Уставот и законите застанувајќи во негова заштита и наштетувајќи им на другите универзитети.-потенцираше Кадриу, повикувајќи го Премиерот на Република Македонија, Никола Груевски да го разреши Министерот за образование и наука, затоа што ја злоупотребува службената положба за сопствени интереси.
На прес конференцијата на Меѓународниот Универзитет во Струга присуствуваше и Градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко, кој е еден од сопствениците на оваа образовна институција.
Меѓународниот Универзитет во Струга започнал со работа во академската 2007/ 2008 како ЕУРО-Колеџ со три Факултети, а во текот на 2008 година поради зголемување на бројот на факултети бил преименуван во „Меѓународен Универзитет во Струга“. Неодамна, овој универзитет отвори и дисперзирани студии во Гостивар. На универзитетот моментално студираат околу 1000 студенти, а за наставата се задолжени 60 професори.