Меѓународниот нуркачки инструктор Милутин Секулоски ќе го пренурка целосно Охридското Езеро. Подвигот ќе го започне во сабота, 28-ми февруари од градското пристаниште во Охрид, заедно со педесеттина нуркачи од Макединија и Албанија, меѓу кои и припадници на специјалните единици на АРМ и МВР. Понатаму Секулоски ќе биде пратен од екипа од неколкумина нуркачи, а ќе има и соодветната логистичка поддршка. Целиот проект предвидено е да трае од три до четири месеци.

-Оваа идеја е стара петнаесетина години, но дојде момент и да ја реализираме. Ќе нуркаме на длабочина од 5-15 метри во должина од 80 километри и 332 метри. Целта не ни е само да го пренуркаме Охридското Езеро, туку и да снимаме и фотографираме под вода и позиционираме работи кои ќе ги пронајдеме, што сметаме дека ќе биде од интерес на научните институции како Хидробиолошкиот завод и Завод и Музеј Охрид. Исто така по завршување на проектот ќе биде изработен и документарен филм.-изјави Милутин Секулоски.


Милутин Секулоски

Хидробиолошкиот завод пројавил интерес за следење на одредена алга, а за време на реализиацијата на проектот внимателно ќе бидат евидентирани сите значајни откритија под вода.

-Охридското Езеро не е доволно истражувано под вода и не знаеме на што се ќе наидеме, такашто ова е голем предизвик.-додаде Секулоски.

За овој потфат потребна е исклучитечна физичка подготвеност и искуство. Секулоски вели дека е во потребната форма, бидејќи речиси секојдневно нурка во Охридското Езеро, без разлика дали е зима или лето.

-За време на потфатот ќе ме следи и медицинска екипа предводена од Д-р Горан Балески, а подготвена ќе биде и хипербарична комора во случај да биде потребна интервенција на било кој член од нуркачката екипа.-рече Секулоски.

Дневно Секулоски планира под вода да поминува по еден километар од Охридското Езеро. Ќе нурка во правец кон Струга, а во албанскиот дел од Езерото ќе го прати неговиот колега од Поградец Енрик Мато.

-Во албанскиот дел од езерото имаме забележано потонати објекти, а за жал има и големи количини воена муниција од Втората светска војна, но и од деведесеттите години од минатиот век кога беа познатите случувања во Албанија. Исто така има и неколку неистражени подводни локалитети слични на тој во Градиште на македонска страна.-изјави Мато.


Енрик Мато

Покровител на проектот е претседателот на државата Д-р Ѓорѓе Иванов, а институционална поддршка пружаат министерствата за внатрешни работи и за одбрана, каде Секулоски работи во полкот за специјални операции. Генерален спонзор е „Пелистерка“, дел од опремата за овој несекојдневен потфат обезбеди познатата компанија за производство на нуркачка опрема „Скуба-про“, а поддршка даваат и голем број други спонзори и помагатели.

Инаку, ова е прв пат некој да го пренурка Охридското Езеро и воопшто сличен воден систем.

Г. Момироски
Фото:Емил Јовановиќ