„Безбедноста како предмет на истражување-пристап, концепти и политики“ ќе биде насловена Меѓународната научна конференција која ќе се одржува во Охрид на 2-ри и 3-ти јуни 2015 година.

На овој научен собир кој го организира Факултетот за безбедност од Скопје ќе земат учество над 130 професори и научни работници од 15 земји и тоа: Италија, Руската федерација, Унгарија, Португалија, Чешка, Украина, Шведска, Бугарија, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија, Црна Гора, Република Српска, Босна и Херцеговина и од Република Македонија.

На конференцијата преку научни прилози и низ дебата се очекува да се одговори на прашањата од областа на безбедноста кои предизвикуваат интерес во научната и општествената јавност.

-Глобализацијата и процесите што доведоа до промена во структурата на светската моќ и сила условија појавите што ја загрозуваат безбедноста да се согледуваат како предизвици, ризици и закани. Централниот интерес на поимот безбедност е државата, која може да е загрозена од внатрешните потреси, економските и општествените нарушувања, особено во заедниците што имаат недостаток на чувство на загрозеност на идентитетот и социјалната кохезија, пишува во најавата за конференцијата.

Во неа се напоменува дека Факултетот за безбедност по шестти пат ја продолжува ориентацијата со организирање на меѓународни конференции во областа на безбедноста, со што дава придонес во развојот на научната мисла, а на носителите на одлуки на регионално, национално и локално ниво им помага, со помош на сознанијата и истражувачките резултати, побрзо, поедноставно и навремено да ги надминат практичните проблеми со кои се соочуваат.

OhridNews