Балкански политичари и други претставници од општествениот живот денеска на меѓународната конференција во  Охрид јавно и дадоа поддршка на Македонија во нејзините напори за влез во Евроспката Унија и НАТО алијансата.

„Доколку Македонија не добие членство, тоа може да доведе до внатрешна дестабилизација и тоа, по етнички линии. На ум ги имам тврдењата на одредени кругови  македонски државјани од албанско етничко потекло кои се залагаат за  кантонизација и федерализација на државата, а во екстремен случај и поделба на Македонија“, рече поранешниот претседател на Бугарија, Жељу Желев кој потсети дека тоа, може да го разгори Балканот, но овој пат, на територијата на Република Македонија.

Поранешниот претседател на Турција, Сулејман Демирел го изрази својот став дека сите бакански земји кои стекнале независност по 90-тите години би требало да бидат членки на ЕУ и НАТО. Во однос на неговиот став во врска со грчкото вето врз Македонија, Демирел рече дека очекува  ова прашање да се реши без да биде оштетена Македонија.

„Ситуацијата помеѓу Македонија и Грција е во фаза на недостаток на дијалог и замрзнат конфликт. Потребно е, ако политичарите се претставници на државите, да имаат и своја одговорност. Треба да изберат помеѓу гласовите и национаниот интерес“, рече поранешниот претседател на Романија, Емил Константинеску.

Дводневната конференција ја организира Балканскиот поитички клуб, а домаќин е министерот за надворешни работи на Македонија, Антонио Милошоски. 

Политичарите дискутираат на повеќе теми, меѓу кои „Местото на Република македонија во ЈИЕ-18 години по осамостојувањето“, „Меѓуетничките односи и идентитети“, „Улогата на политичките  митови и легенди на Балканот“, „Членството на Македонија во ЕУ“ и „ЕУ-стратегија за границите на Балканот-поместување, но не и прекројување“.

Ohridnews