Вчера во Куќата на Робевци, претседателот на Советот на општина Охрид, Гордана Коњаноска, ја отвори кружната меѓународна изложба на фотографии насловена како „Еколошка вистина 2013“.
На културниот настан на кој присустуваа бројни вљубеници во фотографската уметност, претставници на локалната самоуправа, како и членови на Фото сојузот на Македонија и охридските Фото клубови „Охрид“ и „Кастрион“, беа прикажани 80-тина фотографии меѓу кои и 52 наградени како дел од големиот меѓународен проект „Еколошка вистина 2013“.
„Ценам дека нема да е субјективно ако кажам дека во земјава не можеше да се одбере поубаво место за оваа случка, која патем е позначајна и заради фактот што е дел од еден голем меѓународен проект и подразбира истовремено случување на вакви настани во пет града во пет разлини држави од нашиот регион. Оваа вечер во Нова Горица во Словенија, Бања Лука во БиХ, Зајечар во Србија и Софија во Бугарија се случува еден сличен настан во рамките на проектот.“ – истакна Коњаноска.
Станува збор за проект кој што се реализира под покровителство на најзначајните светски фотографски асоцијации, а на светската конкурсна изложба биле пријавени повеќе од 4400 фотографии од 500 различни уметници од 61 држава во светот.
„5 жирија со по три членови, односно 15 врни фотографи ги оценувале сликите. Во Охрид тоа се случи во втората половина на април, кога три члената комисија оценувала повеќе од 1200 фотографии. 52 од нив се наградени, а денеска имаме можност во оваа поставка да погледаме 80-тина од нив.“ – додаде Коњаноска.
Таа истакна дека изложбата има големо значење бидејќи се случува на денот кога светот по 40-ти пат го одбележува Денот на животната средина.
„Охрид е несомнено привлечно место за живеење, а за тоа говори 7 милениумската историја на континуирано населување на овие простори. Затоа и светот го признал и прогласил Охрид за културно, природно и светско наследство. Се надеваме дека во иднина ќе имаме можност за слични вакви проекти и изложби од меѓународен и светски карактер.“ – истакна Коњаноска.
Инаку, организатор на „Еколошка вистина 2013“ е Фото сојузот на Македонија, а како домаќини се јавуваат Фото клубовите „Охрид“ и „Кастрион“. Во рамките на овој културен настан, испечатен и поделен меѓу присутните беше каталог од сто и осумдесет страни со прекрасните фотографии од изложбата.
О.Т.