Повеќе од десет години пошироката јавност се опсипува со најави за отворање на меѓународната бродска линија Охрид – Поградец. Реализацијата на овој проект речиси без исклулок се најавува пред почетокот на секоја туристичка сезона, но реално овој проект е далеку од реализација.


Бродовите никако да тргнат за Албанија
Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески смета дека постои заинтересираност за отварање на бродската линија кон Поградец, и дека тоа всушност е нужно за развојот на туризмот во Охрид.

Според него  министертвото за транспорт е одговорно за невоспоставувањето на меѓународната бродска линија на Охридското Езеро, бидејќи ги нема обезбедено потребните услови и ги нема санирано пристаништата во Охрид и Св Наум. „Доколку надлежното министерство не може да ги обезбеди тие услови локакалната самоуправа е подготвена да ги преземе ингеренциите над пристаништата и капетанијата и да го реализира најавуваниот проект за меѓународна бродска линија“, вели Петрески.
 
Од охридската Капетанија велат дека пристаништата на македонска терирторија како и тоа во Поградец ги задоволуваат потребите за одвивање на меѓународен бродски сообраќај и дека  работите за отварање на  бродската линија Охрид – Поградец се при крај.

Одлучено е дека граничниот премин ќе биде во Св. Наум, а сега останува само уште да се утврди висината на таксата која Албанија ја бара за користење на услугите на пристаништето во Поградец, вели капетанот Љупчо Настоски. Неофицијално  Тирана за користење на пристаништето во Поградец бара 1000 евра по брод што според надлежните може да претставува пречка за реализација на меѓународната бродска линија. Последната средба на пртставници на министерствата за транспорт на Македонија и Албанија во Поградец се одржа во месец мај кога биле утврдени идните активности но договор за воспоставување на меѓународната бродска линија Охрид –Поградец сеуште не е постигнат.

И додека надлежните министерства се договараат трпението на  локалните самоуправи од двете страни на езерото попушта. Градоначалниците на трите крајезерски града изразија подготвеност на своја рака да ја пуштат меѓународната бродска линија. Од капетанијата предупредуваат дека тоа е незаконски затоа што локалните самоуправи имаат надлежност само во утврдување на линискиот сообраќај, но дека дозвола за меѓународна пловидба дава само Министерството за транспорт и врски. Иако имаат сериозни недоразбирања, ниту локалната ниту централната власт не нудат конкретна анализа за оправданоста од воведување на меѓународната бродска лонија Охрид – Поградец, освен најавите дека таа ќе претставува туристичка атракција. Која ќе биде користа од воведување на таквата линија никој конкретно не образложил.

Г. Момироски