Амбасадорите на САД, ЕУ, Франција, Италија, Германија и Велика Британија остварија средба со премиерот Никола Груевски, на која изразија сочувство околу загубените животи на македонските полицајци во полициската акција во Куманово, истовремено порачувајќи дека не се задоволни од напорите кои Владата ги направила досега во поглед на обвинувањата кои произлегуваа од објавените аудио материјали од страна на опозицијата, пренесува „Макфакс“.
„Особено ја нагласивме нашата загриженост дека Владата не направи напредок во поглед на многуте обвинувања кои произлегоа од прислушувања. Ова континуирано непреземање на дејности фрла сомнеж врз посветеноста на владата кон демократските принципи и вредности на евроатланската заедница. Доколку вака се продолжи, тоа ќе го ослабне напредокот кон членството во ЕУ и НАТО“, порача американскиот амбасадор Џес Бејли.
Во делот од писмената изјава по средбата Бејли додава дека амбасадорите на премиерот Груевски исто така му порачале дека очекуваат соодветни политички и правни мерки за оние за кои преку прислушуваните материјали ќе се докаже дека се одговорни за какви и да се незаконски дејства.
„За да се адресираат слабостите во институциите кои се видливи од прислушувањата, ја повикуваме Владата да размисли за специфични реформи, како што се интегритетот на изборниот систем, слободата на медиумите, независноста на судството, слободата на говорот и заштитата на „протекувачите на информации“, изјави Бејли, додавајќи дека деновиве ќе оствари средби и со претседателите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети.
„Го повторуваме нашиот апел до сите страни да се воздржат од насилство. Нивното остварување на демократското право и отфрлањето на агресивните акти без разлика кон припадници на полицијата или демонстрантите, е соодветно оддавање почит на храброста и жртвата на оние кои ги дадоа животите во служба на народот на Македонија“, рече Бејли.
Рече дека средбата со премиерот била договорена минатата недела пред да се случат настаните во Куманово.
OhridNews
Извор:„Макфакс“