„ Јавната установа- Национален парк „ Галичица“  е институција  која е незаобиколен фактор во заштитата на природата “, рече денеска на отварањето на Меѓународната конференција „Предизвици и перспективи во заштитата на националните паркови“, директорот Зоран Ангелоски. 


„Целта за заштита на животната средина е постигната, но треба да се оди напред и упорно да се работи“ вакво согледување има и првиот директор на Националниот парк „Галичица“, Владимир Бојаџи.


Владимир Бојаџи

Паркот  ја ужива и поддршката од Италија, Германија и Франција. „Нашето присуство овде е со цел  да создадеме средина  со подобар економски развој во овој регион, без да се уништат природните вредности и обичаите на луѓето. Тоа е главната италијанската поддршка во доменот на заштитата на животната средина, потенцира италијанскиот претставник Роберто Рико. 


Амбасадорот на Франција во Македонија, Бернар Валеро рече дека живееме во средина која постојано се деградира и додаде дека   50 годишното постоење на паркот зборува оти досега е многу направено на полето на заштитата на природата. „Националните паркови во Европа треба да соработуваат заемно“, рече Валеро.


Со поддршка од германската КФВ банка, и Факултетот за туризам и организациони науки спроведе истражување во границите на паркот. „Правевме пресек на дневната посетеност на паркот, испитувавме мислења и ставови во врска со туристичкото искорисување на паркот, а имавме и секундарни истражувања, што значи, дека ја користевме статистиката и билтените  за да добиеме  евидентни показатели за капацитетите што ги поседува паркот“ објасни професор доктор Науме Мариноски.


И македонскиот министер за животна средина, Неџати Јакупи денеска поблиску се запозна  со развојот на националниот парк „Галичица“ , а ги слушна и предизвиците со кои се соочува паркот. „Министерството и натаму ќе го поддржува напредокот на паркот зашто тоа е и наша законска обврска“, беше дециден Јакупи.

„ Националниот парк Галичица го гледаме како еден голем потенцијал особено заради прекуграничната соработка, и гледаме можност за формирање на биосферен резерват овде. Се разбира, меѓународните стандарди не можат да се постигнат преку ноќ, но на крајот на краиштата, ние дојдовме до неопходноста да ја следиме меѓународната заштита“, изјави Мартин Солар од словенечкиот национален парк „Триглав“.


Одлуката за основање на Управата на Националниот парк „Галичица“ е донесена на 25 декември 1958 година. Во рамките на одбележувањето на петдецениското постоење беа организирани низ активности.

А.Р.