„Размена на најдобри практики на ЕУ во борбата против корупцијата на локално ниво“ е насловена Меѓународната Конференција која ќе започне денеска попладне во Охрид во организација на Центарот за истражување и креирање политики од Скопје.
Според најавите, свое воведно обраќање во рамки на отварањето на конференцијата ќе имаат Министерот за локална самоуправа Лирим Шабани, Претседателот на Државната комисија за борба против корупцијата Горан Миленков, Раководителот на одделот за политички прашања, правда и внатрешни работи, информации и комуникација од делегација на Европска Унија Роберт Лидел и Извршниот директор на ЦИКП Марија Ристеска.
Во рамки на тридневниот настан ќе бидат соопштени и резултатите од првото систематско истражување на доброто владеење на локално ниво ЛОТОС 2014 кое се спроведуваше во текот на изминатата година. Ова истражување ја оценува примената на добрите практики на локално ниво во однос на шест принципи на добро владеење: транспарентност, одговорност, отчетност, учество, ефикасност и ефективност. Во рамки на истражувањето беа опфатени 43 македонски општини помеѓу кои и општините од Југозападниот регион Охрид, Струга, Кичево, Вевчани и Центар Жупа.
ЛОТОС методологијата е пренесена од Хрватска каде истражувањето се спроведува континуирано секои две години од 2009-та. Во Македонија методологијата ја спроведе Центарот за истражувањеи креирање политики во соработка со ГОНГ од Хрватска, ЛДА Струга, ЦЕРИ Битола, ЗЛРР Тетово, Бујрум Куманово, ЕХО Штип и Зелена Сила Велес.
Исто така во рамки на конференцијата ќе бидат отворени теми за следење на корупцијата на локално ниво, за транспарентноста како клучен предуслов за интегритетот на локалните самоуправи и нивната отвореност за граѓанско учество.
OhridNews