Мнозинството од македонските граѓани сметаат дека меѓуетничките односи се важни, но мал дел од нив во моментов се загрижени за нив, покажува истражувањето „Квалитет на меѓуетнички односи“, спроведено од страна на Македонскиот Центар за меѓународна соработка, пренесува „Макфакс“.

За 78 отсто од граѓаните меѓуетничките односи се важни лично, додека за 86,3 проценти тие се важни за Македонија. Според важноста, пак, за меѓуетничките односи се загрижени се 3,9 отсто од граѓаните и со тоа ова прашање е шесто по ранг по невработеноста, сиромаштијата, економијата, корупцијата и криминалот и влезот во ЕУ и НАТО.

Според истражувањето, мал дел од граѓаните ги оценуваат меѓуетничките односи како непријателски. За 33,2 отсто од нив тие се воздржани, 18,4 проценти ги сметаат за ривалски,17,7 отсто препознаваат мирољубива коегзистенција, 16,9 отсто сметаат дека постои меѓуетничка соработка, додека 9,4 проценти ги оценуваат односите како непријателски.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека најмногу предрасуди и најмногу недоверба постои кон албанската и ромската заедница.

Истражувањето „Квалитет на меѓуетнички односи“ е дел од поширока студија на МЦМС за охридскиот рамковен договор. Спроведено е во мај 2011 година преку теренска анализа на национален репрезентативен примерок од 2.087 испитаници и он-лајн анкета со нерепрезентативен примерок од 24 јавни личности во Македонија. Теренската анкета е спроведена од страна на Институтот за демократија Социетас цивилис – Скопје (ИДСЦС).

OhridNews
извор: „Макфакс“