Првата Детска амбасада во светот Меѓаши поттикната од смртта на малата Тамара од Велес која почина чекајќи да и биде одобрено лекување во странство, побара засилени мерки на превенција, соодветна, адекватна заштита на секое дете и одговорност. Само така, сметаат од Меѓаши, нема да се повторуваат зачестените случаи каде децата се жртви на инстуционална негрижа.
-Треба да се соочиме со реалноста која ни се случува последниве години на полето на заштитата на децата. Една од мерките е институциите да дадат отчет за сите случаи каде децата биле жртви на негрижа. Треба да се поднесе одговорност од етички и кривичен аспект. Затоа ги повикуваме Јавниот обвинител и Народниот правобранител да го испитаат не само случајот Тамара туку и сите други случаи каде има основ да се постапува да ја степенуваат и да ја утврдат одговорноста и да поднесат кривични пријави против одговорните за случаите на згаснат детски живот поради негрижа, занемарување… Без разрешница на овие случаи нема да имаме праведен систем кој води сметка за најдобриот интерес на децата, нивното здравје, сигурност и правилен раст и развој, стои во соопштението од Меѓаши.
Оттаму посочуваат дека со утврдувањето и степенувањето на одговорноста на случајот Тамара и сите претходни случаи кога се утврдува одговорност од страна на системот, државата ќе покаже дека ги почитува сите меѓународни стандарди, норми, закони и конвенции за заштита на детето, неговите права и право на здрав и достоен живот.
OhridNews