– Проектот за црквата Света Богородица Перивлепта во претходната фаза ги помина сите селекции и е еден од трите избрани проекти од Република Македонија. Во најскоро време се очекува да бидат обезбедени финансиски средства за негова реализација за што веќе има заинтересирани донатори, ни изјави Антонио Балески од Секторот за туризам и локален економски развој при општина Охрид.
Мега проект од 1,1 милиони евра за заштита на црквата Св. Богородица Перивлепта
Проектот заеднички го подготвуваа Мирка Илоска од Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид и Антонио Балески од Општина Охрид, во соработка со Управата за заштита на културното наследство на Република Македонија и Дебарско- кичевската Епархија.
– Со овој Проект се предвидуваат конзерваторско-реставраторски интервенции пред се поради лошата состојба на фреско-живописот во црквата Света Богородица Перивлепта. Се третираат и други градби во комплексот како северниот конак, камбанаријата и зградата на некогашниот Музеј на словенска писменост со цел да најдат решенија за нивна конзервација – реставрација и повторна употреба, со што би се добила една нова атрактивна туристичка целина, посебно интересна од аспект на културниот туризам, објаснува Балески.
Времетраењето на проектот кој е значаен и за Општина Охрид и за државата е 4 години, а потребните финансиски средства за негова подготовка и реализација изнесуваат 1.111.800 евра од кои 833.850 евра се очекуваат од донации, фондации и спонзорства, додека 277.950 евра ќе бидат обезбедени од државниот буџет.
Промоцијата на проектот за заштита на црквата Св. Богородица Перивлепта се оджа неодамна во ЕУ Инфо центарот во Скопје на која присуствуваа Н.Е. Ерван Фуере, министерот за Култура Елизабета Канческа Милеска и Џанлука Силвестрини од Советот на Европа од Стразбур. Одреден е и тимот за управување со Проектот кој го сочинуваат Мирка Илоска-(Завод и Музеј Охрид), Цветанка Хаџи Пецова ( Национален конзерваторски центар), Митрополит Тимотеј(Дебарско- кичевска Епархија) и Антонио Балески( Општина Охрид).