Заменик претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Дмитриј Медведев во текст насловен „Петок 13. Што ќе биде понатаму или Светот по антируските санкции (воопшто не е прогноза)“ наведува дека следат низи кризи и судири и уривање на идејата за свет фокусиран на Америка.
Поранешниот руски претседател и близок сојузник на актуелниот шеф на руската држава посочува дека поради санкциите кон Москва ќе има енергетски, логистички, прехранбени и други кризи во светот.
Како резултат на тоа, ќе се создаде нова безбедносна архитектура во која постојните реалности ќе бидат де факто, а потоа де јуре ќе се препознаваат: а) слабоста на западните концепти за меѓународните односи како што се „редот заснован на правила“ и друго бесмислено западно ѓубре, б) колапс на американско-центричниот свет; в) присуство на интереси кои ги почитува светската заедница во оние земји кои се во акутна фаза на конфликт со западниот свет, истакна Медведев.
Тој потенцира дека санкциите кон Русија ќе доведат до уништување на многу глобални синџири на снабдување и оти е можна голема логистичка криза, вклучително и колапс на странски авиокомпании, на кои им беше забрането да летаат над руска територија. Тој исто така предвидува и енергетската криза.
Цената на фосилните горива ќе продолжи да расте, а развојот на дигиталната економија во светот ќе забави, посочува Медведев.
Според него санкциите ќе имаат негативно влијание и врз глобалниот финансиски состав, што ќе резултира со евентуална монетарна и финансиска криза и галопирачка инфлација.
Медведев наведува дека следат и нови регионални воени судири, а терористите ќе бидат се поактивни бидејќи западните власти се насочени кон пресметка со Русија.
Најверојатно ќе има и нови епидемии предизвикани од одбивањето на фер меѓународна соработка во санитарната и епидемиолошката сфера или директните последици од употребата на биолошко оружје, посочува Медведев. Тој заклучува дека „ќе се создадат нови меѓународни сојузи помеѓу земјите засновани на прагматични, а не идеолошки англосаксонски критериуми“.
OhridNews