Една лажица мед може да ја ублажи ноќната кашлица и да им погне на децата и родителите помирно да спијат, покажала една студија во која биле опфатени 105 деца кои кашлале заради настинка.

Децата биле поделени во три групи од кои едната група добивала сируп против кашлање, втората група мед, а третата ништо и медот се покажал како најдобро решение.

„Резултатите беа толку цврсти да можеме со сигурност да кажеме дека медот е подобар отколку да не се дава никаков лек, додека состојката на сирупот декстрометорфан не е добра“, рекол доктор Ајан М. Пол од универзитетот во Пенсилванија. Декстрометорфан нашироко се користи, но нема докази дека делува, а носи одреден ризик, изјавил доктор Пол. Од друга страна медот се користи насекаде низ светот како народен лек против кашлица и е сигурна и делотворна алтернатива на службената медицина. Постојат неколку објаснувања зошто медот помага во олеснувањето при кашлицата. Медот е слаткаст и со сирупеста конзистенција и делува смирувачки на иритираното грло, а важен е можеби затоа што има и висок процент на антиоксиданси.Медот делува и против микроорганизмите. Медот не е препорачлив за деца под една година заради ретката, но сериозна опасност да предизвика труење со храна познато како ботулизам. За поголемите деца е безбеден, но дозата треба да се прилагоди според возраста на детето. Половина лажица доволна е за деца од две до пет години, а цела лажица мед се дава на деца од 6 до 12 години. Од 12 години нагоре, препорачана доза е две лажици мед.

Јасминка Т. Момироска