Јавното етикетирање на медиумите и новинарите, посебно од страна на високи претставници на политички партии и пратеници, ја загрозува слободата на медиумите и е промоција на обиди за цензура и самоцензура, реагира денеска Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

ЗНМ предупредува на јавното етикетирање медиуми и новинари

ЗНМ потсетува дека во изминатите два дена дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, како и пратеникот од Левица во своите изјави ја етикетираа ТВ Телма како „режимска телевизија“, а навреди и омаловажувања посредно или непосредно беа упатени и кон новинарите и уредниците на оваа национална телевизија.

Овој вербален напад упатен кон нашите колеги од ТВ Телма дополнително претставува и повреда на Кодексот за етичко однесување на пратениците. ЗНМ ги потсетува пратениците дека имаат должност да го почитуваат Кодексот кој во член 6 вели: „пратениците да не користат зборови и изрази со кои ќе повреди или омаловажи други лица, човечко достоинство и ќе предизвика омраза, нетолеранција и насилство“. Апелираме до пратениците и сите политички чинители дека доколку сметаат дека одреден медиум ги крши професионалните стандарди, да поднесат претставка до Советот за Етика на медиумите во Македонија и до Советот на честа при ЗНМ, наведува Здружението.

Според ЗНМ, правото на политичка дебата и правото на слободата на изразување, посебно во Собранието на РСМ се важни начела преку кои се очекува пратениците преку аргументи и конструктивни дебати да носат квалитетни закони. Злоупотребата на овие права од страна на политичари за јавна пресметка со новинари и медиумите негативно се одразува на слободата на медиумите, го дисквалификува новинарскиот дигнитет на професионалните новинари и дополнително, демонстрира политичка некултура во јавниот дискурс. Освен ова, ваквиот агресивен говор поттикнува симпатизери на овие политички партии дополнително да се пресметуваат, но и да се закануваат на новинарите пред се на социјалните мрежи на интернет.

Потсетуваме дека уредничката и новинарската независност е неприкосновена и таа не смее да биде ниту под притисок на политичарите, ниту под притисок на сопствениците на медиумите. Бараме новинарите да бидат настрана во пресметката на бизнис и политичките интереси, единствено водејќи се од начелата за професионално и етичко известување и од јавниот интерес, пишува ЗНМ во реакцијата.

ССНМ: Недозволиво е пратениците да етикетираат новинари

Реагираше и Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ), кој смета дека е недозволиво политички партии и нејзини пратеници да етикетираат и омаловажуваат новинари. ССНМ ги посочува изминатите неколку дена кога, како што наведува, тоа се правеше кон вработените во телевизија Телма од страна на партиите ВМРО-ДПМНЕ и Левица и нивни пратеници.

Јавното етикетирање на телевизијата како „купена од власта и режимска” и слични други политички конотации и навреди упатени од страна на партиите и политичарите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица кон вработените во телевизијата, ССНМ го смета за директен притисок врз слободата на изразувањето, работата на медиумите и нивната уредувачка политика. Дополнителна тежина на тоа дава и фактот што за етикетирањето е употребена собраниската говорница што според ССНМ е злоупотреба на Собранието за вршење притисок и омаловажување на медиум, во случајов телевизија Телма, наведува ССНМ.

Синдикатот бара од првиот човек на Собранието во иднина да реагира на вакви притисоци и напади врз медиуми изговорени од собраниската говорница со оглед на тоа што во Кодексот на пратениците јасно стои: „пратениците да не користат зборови и изрази со кои ќе повреди или омаловажи други лица, човечко достоинство и ќе предизвика омраза, нетолеранција и насилство“.

ССНМ од политичарите и партиите бара во својата политичка реторика и дебата со политичките неистомисленици да не ги инволвираат медиумите, односно новинарите со етикетирање и напади врз нив. Во спротивно, ССНМ ќе ги смета партиите и политичарите за одговорни за се позачестениот политички говор на омраза кон новинарите, но и за нарушување на угледот и самоцензура кај новинарите.

Потсетуваме дека работењето на медиумите е регулирано со Законот за Аудиовизулени медиумски услуги, постојат независни тела за оценување на стандардите и етиката во работењето на медиумите, до кои секој, вклучително и политичарите и политичките субјекти, можат да поднесат претставка доколку сметаат дека некој медиум го прекршил законот или стандардите, наместо јавно политички да ги етикетираат медиуми, на што бевме сведоци изминативе денови. Истовремено апелираме и бараме од медиумите и новинарите да не се инволвираат во политички и бизнис релации и пресметки и да се водат единствено од професионалните и етички начела во извршувањето на работата, стои во соопштението на ССНМ.

Претходно денеска со слилна осуда излезе и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) според кое, јавното етикетирање на медиумите и новинарите, посебно од страна на високи претставници на политички партии и пратеници, ја загрозува слободата на медиумите и е промоција на обиди за цензура и самоцензура.

OhridNews