Медиумите ќе играат огромна улога во подготвувањето и донесувањето на планот за управување со природното и културното богатство во охридскиот регион. Ова го истакна Дамир Дијаковиќ од Регионалната канцеларија на УНЕСКО за Југоисточна Европа со седиште во Венеција, кој деновиве беше дел од работилницата за подготовка на планот.

Истото се случи во Црна Гора кога се подготвуваше и донесуваше планот за заштита на которскиот регион. Таму медиумите одиграа огромна улога, а знам дека и овде ќе се случува истото. Затоа ги повикувам новинарите да соработуваат во интерес на заштитата на природното и културното наследство на Охрид, рече Дијаковиќ.

Според него, изработката на планот за управување со богатството во охридскиот регион ќе биде база и за правење слични документи за Марковите кули и Слатинските извори, како и за други предложени зони и објекти за светско наследство.

Дијаковиќ потсети дека за ваквиот план се говори уште од 1998 година, но верува оти тој брзо ќе биде  направен и со тоа Македонија ќе покаже пред Меѓународната заедница дека има способни институции и добра експертиза.

Засега, светско богатство во Македонија ставено на листата на УНЕСКО е само Охрид. Во последните извештаи на организацијата се препорачува, покрај донесување на план, да се донесе и закон за заштита на охридскиот регион, кој  до крајот на годинава ќе се најде пред парламентарците.

 Ohridnews