Куќата на Уранија, која поради нарушена статика комплетно ќе се реставрира е во фаза на подготовка за почеток на првата фаза од проектот за заштита на една од најпрепознатливите стари градби во Охрид. И додека одредени локални   и национални медиуми побрзаа да објават дека започнало уривањето на објектот, на терен градежните екипи ги поставуваат скелињата потребни за отпочнување на демонтажата на покривот од Уранија.

Поставувањето на скелињата ќе трае најмалку два до три дена по што ќе почне демонтирање на покривот. Дури потоа куќата на Уранија ќе се разградува кат по кат изјави за Ohridnews, Тања Паскали-Бунташеска, директор на НУ Завод и Музеј, којa е носител на проектот за реставрација на Уранија.


Медиумите ја урнаа Уранија а таа нечепната

Поради нарушена статика куќата на Уранија е вон употреба повеќе од две години. Состојбата би можело да се каже дека е алармантна бидејќи куќата е навалена кон југозападниот сосед, вели Паскали-Бунташеска. Таа објаснува дека Уранија ќе биде разградена до камените темели по што автентично ќе се реконструира.

Изгледот на Уранија ќе остане непроменет, таа ќе се зацврсти, а ќе бидат додадени и одредени модерни детали од практична функција. Паскали-Бунташеска не информираше дека во тек е тендерот за избор на најповолен понудувач за извршување на градежните работи, по што ќе отпочнат градежните работи кои треба да завршат до почетокот на идното лето. Како што е познато куќата на Уранија со одлука на владата и е дадена на трајно користење на Македонската академија за науки и уметности.

Ohridnews