Медиумите во Македонија во најголем дел избалансирано ја покривале изборната кампања за претседателските и локалните избори во првиот круг, соопшти Советот за радиодифузија. Со мали исклучоци, медиумите придонесоа во создавање позитивна слика за избори во демократска атмосфера стои во извештајот на Советот за радиодифузија.
Мониторингот на СРД, спроведен на вестите на радиодифузерите на државно ниво, покажува избалансирано покривање на кампањата и за претседателските и за локалните избори кај телевизите А1, Канал 5, Алсат М и кај Радио Канал 77. Релативна избалансираност за претседателските избори, а релативна неизбалансираност за локалните е забележана на програмите на албански и турски јазик кај МТВ 2 и ТВ А2.
СРД утврдил релативно неизбалансирано покривање на изборната кампања кај телевизите МТВ 1, Телма, Алфа, Канал 5 Плус и Сител 3, Првиот сервис на Македонско радио и радиопрограмите на албански и турски јазик на Каналот на етничките заедници.
Највидлива неизбалансираност и во квантитативна и во квалитативна смисла е регистрирана кај ТВ Сител, што резултирало со одлука на СРД да го прошири првичното барање за поведување прекршочна постапка против телевизијата за целиот период на изборната кампања.