Медиумите како најголеми донатори на политичките партии во изборните кампањи е најматен настан за 2009 година септември, додека најбистар е одлуката на Апелациониот суд да ја укине пресудата со која ЕВН требаше да му плати на ЕЛЕМ 200 милиони евра.

Вака одлучија 17 уредници на електронските и печатените медиуми, кои учествуваа во анкетата Бистро – Матно на Новинската агенција Макфакс и на невладина организација „Транспарентност нулта корупција”.

Резултатите од извештаите на Државниот завод за ревизија за финансиското работење на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, според кои медиумите се најголеми донатори на партиите во изборните кампањи, добија десет „матни“ гласа. Според Државниот завод, Канал 5 телевизија и дала попуст на ВМРО-ДПМНЕ од 97% (над 115 милиони денари), додека „А1“ и „Сител“ не доставиле документи.

На второ место, во најматните настани лани, со осум гласа, се најде емитувањето на видео материјалот во кој првиот човек на Државниот пазарен инспекторат му ветува на сопственик на дискотека дека ќе  најде начин на конкурентски клуб да му се пишат казни.

Првиот човек на инспекторатот Саша Аќимовски беше разрешен од функцијата од страна на Владата, но нема одговор на дилемата кој го прислушувал и дали објавената снимка е веродостојна.

На третото место со шест гласа во матните настани се владините кампањи, реклами, соопштенија и повици за кои се потрошени 10 милиони евра.

Според извештајот на Државниот завод за ревизија, Владата во 2008 година дури 49 отсто од својот буџет го потрошила за кампањи и реклами. Ревизијата соопшти и за проблематични јавни набавки и вработувања.

Најбистар настан во борбата против корупцијата лани, според уредниците е одлуката на Апелациониот суд да ја укине пресудата со која ЕВН требаше да му плати на ЕЛЕМ 200 милиони евра, која што доби 11 гласа.

Апелациониот суд ја оценил пресудата на основниот суд како контрадикторна, нејасна и без доволно образложени факти.

Со осум гласа на второ место се најде поништувањето на тендерот за двокатни автобуси за скопскиот јавен превоз.

Ohridnews
извор: „Макфакс“