Група иследници во њујоршката канцеларија на Федералното биро за истраги (FBI) се непријателски настроени во однос на кандидатката на Демократската партија за претседател на САД, Хилари Клинтон, пренесува агенцијата Associated Press повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата, пишува „Макфакс“.

Агенцијата забележува дека канцеларијата на Бирото во Њујорк ги открила електронските писма коишто доведоа до новата истрага во врска со користењето на приватните сервери за службена комуникација, во периодот кога Хилари Клинтон беше на должноста државен секретар на САД.

Соговорникот на агенцијата од Демократската партија, исто така, рекол дека спомнатата група во FBI, веројатно, е одговорна и за протекувањето во медиумите на деталите од истрагата, којашто Бирото ја води во однос на семејната фондација на Клинтонови „Bill, Hillary & Chelsea Clinton Foundation“.

Покрај тоа, извори на Associated Press тврдат дека директорот на FBI, Џејмс Коми, го објавил почетокот на новата истрага токму поради страв од протекувањето на информациите од Бирото. Сепак, според нивното мислење, Бирото нема да објави јавно никакви изјави кои се однесуваат на споменатата истрага, до завршувањето на претседателските избори на 8-ми ноември.

Минатиот петок директорот на FBI, Џејмс Коми, ги извести членовите на американскиот Конгрес дека се откриени нови електронски писма кои се поврзани со претходно затворената истрага против Клинтон, и ја истакна неопходноста од отворање нова истрага. Објавата на Коми дојде на само десет дена пред изборите, на коишто на противкандидат на Клинтон е републиканецот Доналд Трамп.

Според некои написи во американските медиуми, истрагата открила писма кои може да бидат релевантни за случајот на Клинтон, на компјутер на сопругот на нејзината помошничка во Стејт департментот и актуелна шефица на нејзината кампања Хума Абедин – Ентони Вајнер, кој меѓутоа бил користен од самата Абедин. Овие писма биле откриени во рамките на сосема друга истрага во врска со скандалот со експлицитни пораки кои Вајнер ги испраќал на малолетнички. Наводно станува збор за околу 650.000 пораки.

OhridNews
извор: „Макфакс“