Тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, одлучил по завршување на оваа сезона да се ослободи од услугите на Мохамед Салах, Роберто Фирмино и Жоел Матип со цел да обезбеди пари за засилувања во летниот преоден рок, пишуваат денеска британските медиуми.
Истите извори наведуваат дека Клоп веќе разговарал со клупското раководство и добил дозвола за реконструкција на тимот за следната сезона.
Ливерпул во јануарскиот преоден рок се засили со Коди Гакпо, ангажирајќи го за сума од 42 милиони евра, а прв на листата потенцијални засилувања за следната сезона е Џад Белингем од Борусија Дортмунд, чија пазарна вредност се проценува на околу 100 милиони евра.
„Фирмино и Матип ќе бидат ставени на трансфер листата бидејќи не се стандардни првотимци. Салах, исто така, ќе се најде на трансфер листата, бидејќи веќе наполни 30 години. Ова, можеби, е последната шанса на Ливерпул нешто да заработи од египетскиот фудбалер. Парите кои ќе ги добие од продажбата на Матип, Фирмино и Салах, ќе бидат искористени од Ливерпул да го ангажира Белингем“, наведуваат британските медиуми.