Дел од вкупно 25 000 млади јагули вчера беа пуштени на повеќе локации во Охридското Езеро. Подмладокот на јагула кој со средства на ЕЛЕМ беше набавен од затворено одгледувалиште во Грција, претходно помина извесен период во карантин во мрестилиштето „Шум “ во Струга.


– Се изврши преглед од страна на Ветеринарниот институт од Скопје, материјалот е здрав, животоспособен со просечна тежина од 32 грама по парче, истакна Димче Талески од мрестилиштетот „Шум“.

Во тек на вчерашниот ден беше извршено порибување во Пештани, а денеска уште неколку илјади млади јагули ќе бидат пуштени во водите на Охридското Езеро кај Грашница и Канео.


Порибувањето на Охридското Езеро со јагула веќе 4 децении се врши на вештачки начин, поради изградбата на хидроелектраните „Шпилје“ и „Глобочица“ со кои беше прекинат природниот пат на охридската јагула до Саргасовото море каде таа се мрести.

Ohridnews