Медицинскиот центар Охрид вечерва на свеченост ќе го прослави 60 годишниот јубилеј од основањето. На настанот предвидено е обраќање на Прим. Д-р Диел Аголи и директорот на ЈЗУ Општа болница – Охрид Д-р Горан Маркоски.
Премиерно присутните ќе имаат можност да го погледнат документарниот филм за развојот на охридското здравство и Медицинскиот центар Охрид од 1946-1964-2024 година. Во филмот навраќајќи се низ годините хронолошки е опфатен периодот од почетокот на здравствената заштита во Охрид, па се до денешен ден, формирањето на низата институции, но и личностите кои несебично и визионерски се вложиле во охридското и македонско здравство.
Првиот регионален Медицински центар во Охрид за давање на интегрирана здравствена заштита се формира во ноември 1964 година токму како резултат, токму на визионерството, вечната желба за помош на болни и унесреќените, на млади доктори специјалисти, поддржани од општествените фактори во градот и републиката.
А, денес Медицинскиот центар иако доживеа низ времето неколку трансформации во рамките на општествените промени остана единствена здравствена установа во Охрид која пружа интегрирана здравствена услуга на преку 50 000 охриѓани, израсна во здравствен гигант со 467 вработени од кои преку 63 доктори специјалисти, 37 доктори на специјализација, 5 фармацевти, околу 250 здравстени соработници од сите профили и уште 130 вработени во техничката служба и управа.
Во рамки на вечерашната програма е и предвидено и сеќавањето на дел од пензионираните доктори, а ќе бидат доделени и Спомен плакети.
Вечерта ќе биде збогатена и со музички настап на професор Емилија Маринова.
Н.С.Ј.