Медицинските сестри се исцрпени, на раб на своите сили и изложени на голем ризик од зараза од коронавирусот Ковид 19, велат од  Унијата на здруженијата на медицински сестри, која бара да се изнајде начин да и се овозможи неопходниот одмор на оваа категорија здравствени работници.

Тие се силни додека се сите на број, но бројот на заразени се повеќе и повеќе расте. Во последниот период со енормното зголемување на бројот на пациенти, зголемениот број на приеми, отворањето нови капацитети со истите носечки луѓе ситуацијата ги премори и потребите за одмор рехабилитација станаа неопходни. – велат од Унијата на здруженијата на медицински сестри.

Унијата на здруженијата на медицински сестри укажува на сериозноста на ситуацијата, посочувајќи ја опасноста од непочитување на мерките за заштита и спречување на ширењето на коронавирусот, поради што болничките капацитети во јавните здравствени установи во земјата се речиси пополнети.

Херои сте кога ја добивате битката, но за жал ние сме соочени со наплив на пациенти. Кога не се почитуваат мерките тоа е како да сте се здружиле со непријателот. Издржавме многу и во други времиња на немири, епидемии, сообраќајни незгоди, и на крајот од се бевме поголеми и посреќни бидејќи успевавме да се справиме. И сега се справуваме но, лавината е се поголема, времето се пролонгира и неизвесноста трае. – велат од Унијата на здруженијата на медицински сестри.

Унијата укажува на потребата од бенефиции, но и соодветно вреднување на трудот согласно ангажманот на медицинскиот персонал.

Сите медицински сестри кои се префрлени, надополнети, преструктуирани од едно на друго одделение, во други институции, во ковид центрите… треба да бидат платени под тие услови, а не со лични доходи од матичното работно место кое е на друг начин со коефициент изразено. Ова е нешто на кое секојдневно треба да се води сметка бидејќи во овие исцрпувачки работни денови не треба вака да бидат дестимулирани медицинските сестри. – изјави сестра Горданка Бешлиовска, претседател на Унијата предводена од здружението „За нас“.

Унијата упати апел до граѓаните да ги почитуваат превентивните мерки со што ќе придонесат побрзо да излеземе од најголемата здравствена криза со која се соочува земјата.

OhridNews