Пишува: Прим. Др Виктор Топалоски субспец.кардиолог
доктор на мед.науки по кардиологија
Смртноста од кардиоваскуларните заболувања со најчеста последица срцев инфаркт и мозочен удар и натаму е на прво место во светот , а бројот на новорегистрираните кардиоваскуларни заболувања бележи постојан раст. Причините можат глобално да се објаснат само со една реченица: брзото темпо на живеење со многу стресни состојби, неправилниот начин на исхрана и физичката неактивност се основните причини за кардиоваскуларни заболувања.
Превенција на ризик факторите е клучот на успехот
Најчестите ризик фактори за појава на кардиоваскуларни заболувања се: покачени маснотии во крвта, односно покачен холестерол и триглицериди; висок крвен притисок; шеќерна болест; пушење; стрес; гојазност; физичка неактивност.
Од особено значење е да се напомене дека со здружување на еден или повеќе фактори на ризик не претставуваат прост збир туку ризикот се мултиплицира.Така на пример ако се присутни три основни фактори на ризик: шеќерна болест, покачено ниво на маснотии во крвта и висок крвен притисок ризикот од кардиоваскуларни болести не е три пати туку 16 пати поголем.
Тенденцијата ризик факторите да се објаснат на населението преку електронските и пишаните медиуми не го дадоа очекуваниот резултат. Често ризик факторите се потценети од секој од нас како да болеста е резервирана за некој друг а нас ќе не прескокне. Клучот на успех лежи во улогата на матичниот доктор кој треба да изработи таканаречена индивидуална карта за секој пациент, да ги детектира факторите на ризик кој се присутни за дадената индивидуа и да ги посочи прецизните мерки за нивно сузбивање преку превенција и лекување.
На сите фактори на ризик може успешно да се делува
Секојдневната дозирана физичка активност ја регулира телесната тежина, го регулира нивото на маснотии во крвта и доведува до психофизичка релаксација. Затоа правилниот начин на исхрана и физичката активност се вакцина во борбата против кардиоваскуларни заболувања.
Со денешниот напредок на фармаколошката наука не постои крвен притисок кој не може да се регулира. Крвниот притисок не е регулиран ако: е препишана несоодветна терапија, не постои соработка меѓу докторот и пациентот, пациентот не ги ги прима редовно лековите или пациентот го игнорира високиот крвен притисок (докторе јас сум навикнат на висок крвен притисок, нормалниот крвен притисок ми смета).
Таму каде покачените маснотии во крвта не можат да се намалат со физичка активност и начин на исхрана потребно е да се зема статинска терапија, лекови за намалување на крвниот притисок. Чести се сугестиите јас докторе не сакам да се навикнам на лекови за регулирање на маснотиите во крвта. Последиците од контролирано земање на лекови за регулирање на холестеролот и триглицеридите се неспоредливи во однос на последиците од некористење на терапија за регулирање на маснотии во крвта. Може да се престане со терапија но само ако начинот на исхрана и физичката активност без лекови го даде очекуваниот резултат.
Кај сите случаи каде постои докажан ризик од кардиоваскуларни болести: пациенти со вграден стент, by- pass операција на крвни садови на срце или периферна артериска болест, прележан срцев удар, прележан мозочен удар, како и пациенти со присутни на повеќе фактори на ризик и шеќерна болест лековите за регулрање на маснотиите заедно со Aspirin -от треба да се доживотна терапија.
Стресот е потребно да се менаџира но неопходни се почести одмори и редовен сон и повторно физичка активност за да се постигне психичка релаксација. Процесот на артериосклероза на крните садови почнува од раѓањето а темпото на развојот на артеросклерозата и последиците од неа се во директна зависност од начинот на исхрана , правилниот начин на живеење, физичката активност и сузбивањето на ризик факторите. Лекот против пушење е непушење.
Гојазноста на младата популација е загрижувачка во светот
Одговорноста во регулирањето на телесната тежина и успехот треба да биде привилегија на родителите во сугестијата и менито на исхрана во семејството, образовниот кадар и зголемување на спортските активности во школите и педијатрите како стручен докторски кадар.
Кардиоолошката наука е многу напредната во успешното лекување на последиците од кардиоваскуларни заболувања преку стентирање и by-pass операции на заболените крвни садови на срцето ако се навремено дијагностицирани. Спречувањето на настанување на болеста е секогаш многу подрагоцено, поевтино и побезболно лекување на последиците од болеста. Заедно сите здружени треба да делуваме во превенцијата за здрави и среќни луѓе во општеството.
Текстот е објавен во летното издание на магазинот „Наше Здравје“
на фармацевтскиот бренд „Виа Фарм“