На професор доктор Павле Митрески, познатиот охридски историчар, денес, од страна на  Фондацијата „Младен Селак“ од Србија, востановена во 1979 година, беше одликуван со медал „Михајло Пупин“ за повеќегодишниот истражувачки труд посветен на потеклото и творештвото на познатиот научник Михајло Пупин. Признанието го врачи Милан Божиќ, претставник од фондацијата.

Големо е задоволството што се наоѓам во оваа средина , во градот за кој Михајло Пупин зборувал дека е центар на христијанството и центар на балканската култура .Задоволство е да се биде во средина која дала многу луѓе, а на чело на тие луѓе е професорот Павле Митрески, рече Божиќ.

Д-р Павле Митрески  истакна дека преку своите истражувања дошол до сознанија дека Пупин потекнува од едно село покрај Преспанско Езеро, податок што бил зачуван како запис во турски тефтер од 1568 година. Неговите потомци потоа се преселуваат во Нича, Албанија, а оттаму во струшка Горна и Долна Белица и Вевчани, за потоа да продолжат за Банат, кај Панчево.

Во што се состои неговиот голем придонес на Пупин за Македонија? Ја напишал Декларацијата за заштита на правата на малите народи. На Париската мировна конференција бара по секоја цена Македонија да добие автономија. Јас успеав да стигнам до тој запис, додаде професорот Митрески.

Михајло Пупин во 1914 година ја формирал фонадацијата „Олимпија Пупин“ за помош на сиромашните деца од тогашна Македонија, помогнал и во изградбата на старото училиште во стариот дел на Охрид, а ја изградил и камбанаријата во црквата „Света Богородица Перивлепта“ .

Т.К.