Мечка во текот на изминатите десетина дена нападнала стадо со овци во охридското село Рамне при што угинале околу 15 овци. Се претпоставува дека истото диво животно, во истиот период направило штети и на сандаци со пчели во месноста Горица.

Жителите на село Рамне велат во последните неколку дена мечката била забележана уште неколку пати во атарот на селото.

-Мечката, која според очевидци е многу голема е забележана на неколку локации во селото и тоа преку ден, што значи дека таа не се плаши и доаѓа по храна. Според информациите од сопственикот на стадото со овци кое беше нападнато, за време на нападот мечката била многу разлутена и буквално носела се пред себе, па стравуваме дека и понатаму може да прави штети. Жителите во неколку наврсти на повеќе локации во селото палеа оган со цел да го исплашат дивото животно, велат од Месната заедница од село Рамне.

Оттаму упатуваат апел до надлежните доколку постои можност да преземат мерки за скротување на животното, кое е заштитено со закон и не смее да се лови.

Од Подрачната единица на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство во Охрид ни потврдија дека во текот на изминатиот период имале регистрирано две пријави на штети од мечка во охридскиот регион.

-На терен во село Рамне констатиравме штети врз стадо со овци, а во потегот на Горица штети врз пчелни семејства. Направени се записници по двете пријави и доколку се докаже дека штетите ги направил заштитен дивеч, оштетените може да бараат отштета од државата. Освен утврдување на штетата ние немаме други ингеренции во врска со ваквите случаи, велат од Подрачната единица на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство во Охрид.

Од Националниот парк „Галичица“ не информираа дека не се запознаени со случаите за штетите кои ги предизвикала мечка во потегот на населените места.

-До нас не е стигната информација за овие случаи но и да имаме информација нема да можат да преземат никакави мерки бидејќи мечката е заштитен дивеч. Мечката е дивеч кој има потреба од поголема територија на движење па затоа е можно да слегува и пониско во подножјето на планината. Причината поради која мечката слегува во населените места е потребата од храна, тоа особено е случај ако популацијата на мечки е пренамножена, па послабите единка мора да го напуштат пределот каде што не можат да егзистират, вели Андон Бојаџи од Секторот за заштита на природа при НП „Галичица“.

Тој обајснува дека немаат точна информација за моменталната состојба со популацијата на мечки во националниот парк бидејќи немаат мониторинг на крупни цицачи.

Инаку пред повеќе од еден месец мечка предизвикуваше штети и во атарот на село Велестово и во населбата Рача.

Е.М