Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Советот на странски инвеститори и Министерството за финансии значајно ги доближија ставовите околу повеќе значајни барања и предлози кои произлегуваат од доставените 22 иницијативи за доуредување, прецизирање или измена на законските прописи во земјата, со цел нивно усогласување со тие на Европската унија.
За ова денеска се разговарало на работната средба помеѓу министерот за финансии Фатмир Бесими и неговиот тим со претставници на компаниите членки на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Советот на странски инвеститори, предводена од претседателот Виктор Мизо.
Како што информира Канцеларијата на Советот на странски инвеститори, на средбата биле разгледани клучните иницијативи и предлози на странските инвеститори во земјава од даночната и царинската област, кои се од значење за унапредување на работењето на компаниите со технолошки напредно производство, а во функција на зголемување на продуктивноста, конкурентноста, но и атрактивноста на земјава за задржување на постојните и привлекување нови инвеститори.
Министерството за финансии изрази подготвеност да понуди практични решенија за предочените прашања поврзани со постапките околу даноците по задршка, регулирање на примената на концептот на „self-billing“ согласно компаративните искуства од европските земји, додефинирање јасни правила за нормираните износи на кало, растур, крш и расипување во автомобилската индустрија, пропишување номенклатура за амортизација во целост усогласена со меѓународните сметководствени стандарди и МСФИ и реалната употребна вредност на машините, усогласувањето на царинските стапки и други значајни прашања кои се од интерес на странските инвеститори. – се вели во соопштението.
Дел од барањата кои се однесуваат на даночниот третман на исплатениот регрес за годишен одмор, намалување на даночниот биланс уреден во член 19 од Законот за данокот на добивка и доброволната регистрација за цели на ДДВ, во било кој период од годината, се веќе прифатени, и се очекува нивна операционализација, како и трајни системски решенија, посочува Канцеларијата на Советот на странски инвеститори.
Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство при Советот на странски инвеститори, изразува подготвеност за споделување конкретни искуства и учество со свои мислења и предлози при конципирањето на предлозите за измена на прописите, со кои, ќе се овозможи и практична реализација на договорените заклучоци од средбата, се наведува во информацијата.
OhridNews