Меѓународниот суд на правдата (МСП) денеска и нареди на Русија веднаш да ја прекине воената операција во Украина.

Руската Федерација веднаш да ги прекине воените операции кои започнаа на 24 февруари 2022 година на територијата на Украина, соопштија судиите.

Тие додадоа дека Русија исто така мора да се погрижи другите сили под нејзина контрола или оние поддржани од Москва да не ја продолжат воената операција.

Судот изрази „длабока“ загриженост поради руската употреба на сила во Украина.

Судот е свесен за размерите на човечката трагедија во Украина … Судот е длабоко загрижен за употребата на сила од страна на Руската Федерација во Украина, што покренува многу сериозни прашања за меѓународното право, рече претседавачкиот судија Џоан Доногју.

Постапката пред МСП беше иницирана од Украина во февруари, барајќи од судот да и нареди на Москва да ја запре инвазијата.

Русија го бојкотираше сослушувањето одржано пред десетина дена.

OhridNews