За секое развиено општество, најголем предизвик е заштитата на природното и културното наследство. Тоа не е опција туку обврска и должност. Ова, меѓу другото, беше истакнато денеска на отворањето на осмата Меѓународната конференција „Охрид – Водици 2020“ во Музеј куќата на Уранија (МАНУ), што ја организираат ФОН Универзитетот и Институтот за социо – културна антропологија, во партнерство со „MIRAS“ – Социјалната Организација за Поддршка на Проучување на Културно Наследство од Баку, Азербејџан, списанието Руски политички науки од Москва, Русија, како и списанието Журнал за Глобални процеси од Мајами, Флорида, САД.
Оваа година конференцијата тематски е посветена на „Современите предизвици за заштита и управување со природното и културното наследство“.
На отворањето, во името на Владата, учесниците ги поздрави министерот за дијаспора и претседател на Национачлната комисија на УНЕСКО, Едмонд Адеми, во името на градот домаќин Охрид – градоначалникот Костантин Горгиевски, а говореше и пратеникот проф. д-р Рубин Земон.
Нашата држава е енергично посветена на мултилатерализмот и инклузивниот дијалог, што може да се согледаи од фактот што, покрај, евро-атланската интеграција, УНЕСКО стана еден од клучните политички приоритети на нашата надворешна политика. Супериорноста и автентичноста на нашиот најпознат бисер ја потврдува и УНЕСКО, препознавајќи го Охридското Езеро како дел од светското природно и културно наследство. Регулирањето на урбанизацијата на регионот е наш приоритет, додека целта е да се овозможи одржлива и хумана урбанизација која нема да дозволи нарушување на културниот пејсаж и нерационална екплоатација и уништување на природните ресурси. – напомена Адеми.
Градоначалникот Георгиески, подвлече дека овогодинешната тема на конференцијата, не само што сега е актуелна, туку тоа е постојан предизвик.
Заштитата и управувањето со природното и културно наследство е во постојан фокус на општина Охрид. Чекорите и мерките кои моментално ги преземаме, се во корелација со препораките од УНЕСКО, а нашата намера за постојано унапредување на заштитата е веќе препознаена од меѓународните институции. – рече градоначалникот Георгиески.
Како што информираше д-р Рубин Земон, годинава на конференцијата учествуваат 56 авторитети од 10 земји, со 35 трудови. Секоја година се зголемува и бројот на учесниците, заедно со нивниот научен придонес, но се зголемува и бројот на поддржувачите и соучесниците, што годинава е особено изразено. Тоа не е случајно, бидејќи врвните светски авторитети со загриженост предупредуваат на предизвиците и опасностите кои ја демнат планетата земја и сите ние мораме навреме да ги пресретнеме современите предизвици, рече Земон.
Преку овој собир се обидуваме да придонесеме за повеќе да ја вклучиме науката во справувањето со предизвиците. Секој од учесниците доаѓа тука со свои трудови, така што сметаме дека од тие презентации ќе произлезат некакви препораки што потоа би биле доставени до надлежните институции како насоки за понатамошно делување, рече Рубин Земон.
OhridNews