28 Септември, се одбележува како Меѓународен ден на Бошњаците. По тој повод честитка до бошњачката заедница во Земјата упати претседателот Пендаровски

Заедно со останатите етнички заедници и бошњачката искрено и неуморно го дава својот придонес во сите сфери на општествениот, економскиот и културниот живот во нашата земја, придонесувајќи во градењето на едно општество за сите. Горди сме што почитта, заедништвото и уважувањето на различностите се силата на нашата заедничка татковина. И понатаму како држава ќе продолжиме со исполнување на највисоките стандарди во заштитата на етничкиот, јазичниот и верскиот идентитет на сите наши граѓани и посветено ќе работиме на негување и промоција на бошњачката култура и традиција. – истакнува во честитката претседателот Пендаровски.

Во оваа прилика тој упати апел во период кога се очекува вториот бран од пандемијата со Ковид-19 граќаните да останат сплотена, солидарни и одговорни и да се заштитат себеси и останатите.

Верувам дека и од оваа битка, која ја води целото човештво, ќе излеземе како победници и набргу ќе се вратиме на нормалното секојдневие, мотивирани заеднички да работиме за демократска, модерна и просперитетна Р.С. Македонија. – порача Претседателот.

По повод 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, честитка упати и Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски.

Почитувани припадници на Бошњачката етничка заедница, Ви упатувам искрени честитки по повод Меѓународниот ден на Бошњаците и Ви посакувам празникот да го минете во   добро  расположение и  среќа  во кругот на семејството.

Бошњаците  почитувајќи ги своите традиции и култура се значаен дел од нашето мултиетничко општество и  потврда за  обединетост и сплотеност  во нашата заедничка држава.  Водејќи се од принципите на разбирање и толеранција успешно  се насочуваме кон градење европска  иднина која ја посакуваме за себе и своите деца.

Продолжуваме  да работиме на подобрување на севкупните услови за живеење на сите граѓани  за кои Република Северна Македонија е  нивни дом вклучувајќи ги и Бошњаците. – стои во честитката од градоначалникот Георгиески.

OhridNews