Се работи на нов Закон за рибарство кој е во процедура, но не се решени ни риболовните основи во кои треба да се врши користењето на рибниот фонд. Ситуацијата е статус кво, вели потпретседател на здружението на ЗРР СК „Свети Апостол Петар“, Димче Мајкоски.

Потенцира дека состојбата со рибниот фонд најмногу зависи од влијанието на човекот, а втор фактор е самата природа, истакнувајќи дека голем притисок периодов се врши на пастрмката и белвица

Според моите сознанија и тоа што се случува во моментов на пазарот е дека ако во Албанија до пред три години можевме кило пастрмка да купиме за 600 денари, сегашната цена, информација која ја имам од пред пет дена, е дека истата се продава за 25 евра. Има забрана и треба да има забрана, но жалосно е што немаме меѓудржавен договор за заштита на Охридското Езеро. И тоа доведе да и таму се намали популацијата на пастрмката, вели Мајкоски.

Овој период, додава, се врши притисок и на белвицата која крајот на ноември и почетокот на декември се мрести.

Врзано е и со верскиот празник Свети Никола, се јаде посна храна и Охриѓани се навикнати на трпезата да имаат пастрмка или белвица, а рибокрадците се во подем. Имаат можност да уловат поголема количина белвица бидејќи овој период белвицата се собира на одредено место за мрест и доаѓа до поголем улов. Што е најжалосно, наместо да се остави да се измрести, па после да се лови, сега се лови пред нејзиниот мрест и се нанесува уште поголема штета, вели Мајкоски.

Давањето на езрото под концесија, истакнува, доведува и до други проблеми, а тој што ја доби концесијата според негови сознанија има низа нерешени прашања со Министерството за земјоделство.

Н.С.Ј.