Согласно мерењата и набљудувањата на метеоролошките станици во Северна Македонија, месец мај годинава се карактеризира како просечно топол и нормално врнежлив со исклучок на источниот дел од државата, каде се измерени поголеми количества врнежи во споредба со многугодишните просечни вредности, информираат од УХМР.
Средномесечната температура изнесувала од 10,3°С во Лазарополе до 19,2°С во Гевгелија. Споредено со просечните мајски средномесечни температури, за триесетгодишен период (1991-2020), годинашната била просечна, околу 16 °С, на ниво на држава.
Највисоката максимална температура беше измерена на 22 мај во Гевгелија и изнесуваше 30,0°С. Најниската минимална температура во текот на месецот беше измерена во Лазарополе, на 5 мај и изнесуваше 1,2 °С, соопшти УХМР.
Во мај 2024 година месечната сума на врнежи во државата варирала од 33 милиметри во Струмица до 131 милиметар во Крива Паланка.
Максимално дневно количество на врнежи од дожд, од 33 милиметри, беше регистрирано во Охрид на 19 во месецот. На повеќе места во државата, како Велес, Куманово, Тетово и други беше забележана појава на град, нагласуваат од УХМР.
Споредено со мајската просечна вредност за многугодишен период (1991-2020), додаваат од УХМР, измерената месечна сума на врнежи беше просечна, поточно околу 65 милиметри на ниво на држава.
OhridNews