Речиси три четвртини од мажите во Франција признаваат дека уживаат во купувањето, посебно облека и обувки, според резултатите на истражувањето на мултинационалната компанија Золандо, специјализирана за продажба преку интернет. Баш како и поубавиот пол, французите се страсни потрошувачи. Нивни единствени конкуренти во Европа се германците. Истражувањето покажало дека 70 проценти од мажите во таа земја исто така сакаат да купуваат. Норвежаните и белгијците многу помалку уживаат во шопингот, односно 35 и 39 проценти.
Студијата исто така открила дека Французите, што се однесува до модата, имаат доверба во својата поубава половина. Близу две третини од испитаниците одговориле дека го прифаќаат советот од својата партнерка, додека само четири проценти од нив ги следеле модните списанија. Меѓутоа, и покрај тоа што го обожаваат шопингот, мажите во Франција во просек трошат само 88 евра за облека, што е доста помалку во однос на Швајцарија, со 127 евра, Холандија со 108 евра или Норвешка со 103 евра. Истражувањето било спроведено во април оваа година, на примерок од 3500 мажи, на возараст од 18 до 49 години, во Германија, Франција, Швајцарија, Белгија, Холандија, Финска и Норвешка.